Во подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување во Пробиштип за раководител е назначено лице кое нема завршено четиригодишно високо образование и соодветно работно искуствово струката.
-Скандалите поврзани со работењето на Ден Дончев и злоупотребата на неговата службена положба и овластувања како директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, допира и до подрачната служба на Фондот во Пробиштип. Така, за раководител на подрачната служба во Пробиштип е поставено лице кое нема завршено четиригодишно високо образование и аналогно на тоа, ниту пак има соодветно работно искуство, вели нашиот извор.
Што вели законот? Во членот 60 став (4) од Законот за здравствено осигурување стои дека вработените во Фондот кои извршуваат административни работни задачи имаат статус на административни службеници, а во член 60-а став (1) алинеја 4 од истиот Закон стои дека за раководител на подрачната служба може да се постави лице кое ги исполнува условите за трето ниво на раководни административни службеници Б3. Според член 24 став (2) точка а) од Законот за административни службеници, е уредено дека за нивото Б3 може да биде распореден или прераспореден раководен административен службеник кое има завршено најмалку високо образование, а во следната точка б) од истиот став алинеја 3 е наведено дека лицето за да може да биде распоредено или прераспоредено на ниво Б3 треба да има најмалку 4 години работно искуство во струката, од кои најмалку 1 година во јавен сектор, или најмалку 6 години работно искуство во струката од кои најмалку 2 години на раководно работно место во приватниот сектор.
-Со оглед дека лицето кое е поставено за раководител на подражната служба на Фондот во Пробиштип нема завршено четиригодишно високо образование, произлегува дека истото тоа лице нема ниту соодветно работно искуство во струката како што се бара декларативно според Законот. Ова е од причина што работното искуство во струката претставува време поминато на работа, во извршување на работи или на работни задачи, по завршување на одреден степен на образование, кој е потребен за извршување на такви работи или работни задачи што треба да се извршуваат, објаснуваат правниците.
Што се однесува до времените овластувања, за времено вршење работни задачи на работното место раководител на подрачна служба во Пробиштип, тогаш доколку истото такво овластување му е доделено на лице кое според своите компетенции, степен на образование и искуство спаѓа во понизок ранг од оние што се предвидени според погоре наведените декларативни законски одредби, тогаш истото такво дејство претставува грубо кршење на член 22 од Законот за административни службеници од страна на директорот на Фондот Ден Дончев.
-Ова што се случува во подрачната служба на Фондот во Пробиштип е скандалозно и има стручен правен термин, кој се нарекува деинституционализација или делегитимирање на институцијата Фонд за здравствено осигурување на Македонија, бидејќи се крши, односно не се почитува законски поставената хиерархија во извршувањето на работните задачи од страна на директорот Ден Дончев. Така директорот на Фондот, директно ја злоупотребува својата службена положба и овластувања од член 58 став (1) алинеја 1 од Законот за здравствено осигурување, бидејќи според оваа законска одредба, директорот е овластен да раководи со Фондот. Затоа не траба на јавноста да и’ биде ни малку чудно, ниту пак неочекувано, за тоа зошто директорот на Фондот го потресоа низа скандали, бидејќи на раководни места се поставени лица кои не ги исполнуваат минималните законски услови, објаснува нашиот извор.