Новите два случаи на заболени од лишманија во Штип, повторно го актуелизираа проблемот со прскањето против комарци. Преносител на оваа заразна болест се мушички, кај народот познати како невиди, кои се многу слични на комарците, но со помал радиус на движење. Болеста кај луѓето се пренесува од заразена мушичка која каснала заразено куче, кое е природен резервоар на овој паразит. Сепак, наместо регионално, и годинава проблемот со комарците секоја општина ќе го решава парцијално.
– За жал задоцнивме за една таква идеја оваа година и за тоа секоја општина се снаоѓа како и во минатиот период. Меѓутоа, мислам дека ова прашање е на право место и во право време, да размислуваме во следните години да му даде посериозен пристап-изјави Николчо Илијев, градоначалник на Кочани
Општина Штип има склучено договор за прскање против комарци и акцијата ќе се врши етапно во текот на следните 5 месеци. Во изминатиот период регионалната иницијатива не заживеа, зашто помалите општини не ги подмируваа долговите за услугите.
– Има општини кои не склучуваат договри од нивни интерни причини, така што на крај ќе трпи населението-изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип
Бочварски решението го гледа во актуелизирање на проблемот пред ЗЕЛС, која би доставила предлог до Владата, таа да се справува со проблемот во иднина од причина што располага со повеќе ресурси.