Уште малку денови остана од позицијата економски директор на јавните здравствени установи. Предлог-измените на Законот за здравствена заштита поминаа на Влада и испратени се во Собрание. Со овие измени институцијата економски директор заминува во историјата.

Министерството за здравство во однос на оваа проблематика постапува многу внимателно односно до сега ги разреши само оние директори кои беа поставени на таа позиција како в.д., за останатите мора да се почекаат законските измени зошто во спротивно со постоечкиот Закон ќе можат да тужат.

Премиерот Мицкоски вели дека реформи во здравството мора да има и тие ќе бидат интезивни.

„Досега некако се префрлуваше одговорноста од еден на друг, немаше јасна хиерархија, немаше јасна вертикална субординација. Организацискиот директор едно, медицинскиот директор друго. Тука нема да застанеме, продолжува реформата и таа е интензивна. Ќе имаме обединување на Клиничкиот центар, односно клиниките во рамките на Клинички во една институција, односно правно лице. И понатаму продолжуваме со регионализацијата и локалниот пристап на здравствениот систем“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија.

Од Министерство за здравство информираат дека до сега оставки имаат поднесено 13 медицински директори со мандат. Министерот Таравари уште на првиот работен ден ги потпиша решенија со кој економските директори кои беа вршители на должност веднаш се разрешуваат.