Здравствен тим од двајца доктори и четири медицински сестри од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација во Отешево, Преспа, денес пристигна во Скопје да помогне во работата на КОВИД Центарот при Градската општа болница „8 Септември“. Тимот две недели ќе престојува во Скопје, каде ќе лекува пациенти со коронавирус, а ќе добие хотелско сместување обезбедено од Министерството за здравство. Како што расте бројот на болни, КОВИД Центарот во „8 Септември“ има потреба од медицински кадар, на што се одзваа лекарски тимови од внатрешноста на земјата.
Тимот од Ресен е составен од лекар специјалист по интерна медицина и уште еден лекар кој е специјализант во оваа област. Заедно со медицинските сестри, тие денес беа испратени од ресенчани со зборовите „тие се нашите херои во оваа борба“. Во тимот се д-р Кире Доновски, специјалист по интерна медицина, д-р Благоја Китановски, специјализант по интерна медицина и медицинските сестри Сузана Нечевска, Благица Поповска, Верица Стефановска и Билјана Сиркова-Георгиевска.
„По насоки на министерот за здравство, беше побарано да се мобилизираат тимови кои две недели ќе извршуваат работни задачи во Градската општа болница ‘8 Септември’. Во нашата болница беше прифатен повикот, се одзваа шетмина здравствени работници. Обезбедено им е од Министерството за здравство хотелско сместување и ќе работат во болницата во КОВИД Центарот. Им се поклонуваме на нивната храброст, солидарност и совесност. Моментално ни беа побарани интернисти, инаку имаме и двајца пулмолози и други медицински профили кои би се вклучиле, ако има потреба понатаму според насоки на Министерството“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Билјана Гошаревска, портпаролка на Болницата во Отешево.
Ресенчани велат дека во Скопје во Градската болница „8 Септември“ каде што кадарот кој работи на одделот за интензивна нега е истоштен, на помош пристигнале и медицински кадри од други болници во внатрешноста. Таму се потребни и дополнителни анестезиолози.
Во главниот град, каде што се лекуваат најтешките случаи на КОВИД-19, поради премореноста почнува да се чувствува и неостиг на кадар и на Инфективната клиника, како и меѓу епидемиолозите во Центарот за јавно здравје. САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека на Комисијата за заразни болести речиси секојдневно се отвара прашањето за потребата од замена на преморените медицински работници со персонал од другите клиники во Клиничкиот центар, каде што обемот на работа поради заштитните протоколи е сериозно намален. Наскоро треба да проофункционира и монтажната болница до Инфективната клиника, која веќе е целосно опремена за прием на дополнителни 72 пациенти, но и за неа треба дополнителен кадар, првенствено од медицински сестри, како и од пулмолози и интернисти. Од утре, на Инфективната клиника ќе работат медицински лица кои доаѓаат на помош од болниците во Кочани, Велес, Кавадарци и Кичево, а Министерството за здравство ќе ги покрива трошоци за хотелско сместување.
Дополнителен проблем, за кој се расправало на Комисијата за заразни болести, е што системот не може да смета и на одреден број медицински лица кои главно се вработени со партиски врски и кои сега среде пандемија избегнуваат работа, или земаат боледувања.
Инаку, Болницата за превенција, лекување и рехабилитација поради местоположбата во Отешево, каде од едната страна е планината Галичица, а од другата Преспанското Езеро, е на одлично место за лекување од белодробни заболувања. Досега не добиле инструкции за проширување со КОВИД оддел и во оваа установа.
„Денес го испративме медицинскиот тим со пораки да си се чуваат, да ни се вратат здрави и живи. Ова е една од најблагородните работи, тие се нашите херои во битката со КОВИД-19. Инаку, болницата е основана 1980 година, а основач беше татко ми. Болницата е на специфично место кое е научно докажано дека е воздушна бања, има голем потенцијали. Воедно, добиени се средства за целосна реконструкција на објектот“, рече градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски.
Во Ресен, од каде тргна тимот на припомош во Скопје, според здравствениот билтен има петмина евидентирани болни од КОВИД-19 од кои едно лице почина на Битолската болница.