Еден лекар од Брзата помош во Штип е позитивен на коронавирусот. Директорката на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ – Штип, Снежана Трајковска на денешната прес-конференција истакна дека резултатите од тестирањето ги добиле утринава, а веднаш во самоизолација се ставени уште шестмина здравствени работници од Итната медицинска служба.
-Сите контакти се дадени на епидемиолозите и се контактираат, а по предлог на епидемиолошката служба сите контакти со висок ризик ќе бидат ставени во домашна изолација и под здравствен надзор. Утрово го добивме резултатот на колегата, а инаку од недела не е на работа, ниту тој, ниту колегите кои биле со него, вели Трајковска.
Таа забележува дека епидемиолозите прават анкета и треба да утврдат како се заразил лекарот од Итната медицинска помош, инаку целиот персонал работи по сите здравствени протоколи и со заштитна опрема. Нема да имаат проблем со работата, бидејќи имаат вкупно осум тима во Брзата помош во Штип.