Редовната физичка активност во комбинација со здрава исхрана и квалитетен сон се клучот за одржување на добро здравје. Бројни студии потврдуваат дека без обзир на годините, полот и здравствената состојба, физичката активност придонесува за низа здравствени предности, како одржување на оптимално здравје и полесно и побрзо оздравување кај одредени болести.
Исто така потврдено е дека редовната физичка активност ја намалува стапката на смртност од некои хронични болести како што се: кардиоваскуларните заболувања (причина бр. 1 за смртност во светот), високиот крвен пртисок, дијабетес и карцином на дебелото црево.
За да бидете физички активни навистина не треба многу. Во физичка активност спаѓа и пешачењето, качувањето по скали и сл.
Само 30 минути умерена физичка активност 4-5 пати неделно или 20 минути поинтензивна физичка активност 3-4 пати неделно се клуч за одржување на добро здравје. Најголем процент од луѓето кои започнуваат да вежбаат тоа го прават затоа што се незадоволни со својата тежина и изглед, но физичкиот изглед би требало да ви биде на второ место.
Најважно за физичката активност е фактот што позитивно влијае на целокупното здравје, расположение и квалитет на живот. Еве дел од придобивки од редовна физичка активност:
Ако редовно сте физички активни, вие може да:
-го намалите ризикот од срцев удар
-ја регулирате телесната тежина подобро
-го намалите нивото на холестерол во крвта
-го намалите ризикот од дијабетес тип 2 и некои карциноми
-го намалите крвниот притисок
-имате посилни коски, мускули и зглобови и помал ризик од развој на остеопороза
-закрепнете подобро од периоди на хоспитализација или одмор
Запомнете дека ние сме креатори на тоа како живееме. Изберете животен стил кој ќе ве направи поведри, посреќни и поздрави. Свртете се кон себе и сопственото здравје.