Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, во гостувањето во утринската емисија на Сител телевизија посочи дека секој граѓанин, секој пациент има право да има пристап до лек во кој било ден од месецот.
– Со мерката за укинување на квотите за лекови на рецепт решен е проблемот со недостигот на лекови. Нема да има повеќе ниту паника, ниту турканици, ниту пак ќе има формирање на домашни аптеки. Ова е мерка во интерес директно на граѓаните. Конечно се спокојни дека до лек можат да дојдат во која било аптека, кој било ден од месецот. Се рационализира начинот на препишување и се воспоставува контрола. Во Фондот за здравствено осигурување веќе е во тек креирање на стратегија на т.е Electronic Health Record, софтверски систем којшто во себе ги обединува сите јавно-здравствени институции и сите податоци од пациентите во рамките на системот, изјави министерот Филипче.
Во емисијата, министерот Филипче најави неколку мерки кои значително ќе го зајакнат здравствениот систем.
– Следат уште неколку мерки, како менување на позитивната листа на лекови и надополнување на листата со модерни лекови. Таа досега не е сменета повеќе од 10 години. Значи не само што обезбедуваме пристап до терапија, во следниот период значајно ќе го подобриме и квалитетот на лековите коишто се нудат, потенцираше министерот Филипче.
Министерот Филипче истакна дека граѓаните заслужуваат да имаат една модерна институција во коишто ќе бидат пружени здравствени услуги.
– Се реновираа повеќе оддели. Одделите на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, операционите сали на Клиниката за ортопедија, интензивната нега на Клиниката за неврохирургија, каде што лежат најтешките пациенти од цела држава. Се реновираше и Клиниката за хематологија, се пушти во употреба Ургентниот центар во Куманово. Продолжуваме со работа на крилото во струмичката болница, а реконструкцијата во болницата „Св. Еразмо“ е при самиот крај. Во 2020 година навистина ќе бидат во функција многу реновирани и многу започнати нови објекти, не само во Скопје, туку и во другите градови во државата, рече министерот Филипче.