Министерот Филипче се правда за европското знаменце на законот за опојни дроги, со што меѓудругото, требаше да се крене државната рампа за извоз на цвет од канабис. Плавото знаменце, според него, не било злоупотребено, иако законот воопшто не е дел од оние реформските кои ги бара Унијата.
Намерата на власта преку ноќ да го протне и овој закон засега е неуспешна, предлогот е повлечен, но, Филипче уверува, законот повторно ќе биде пуштен во процедура, откако ќе се усогласат ставовите, но со знаменце засега останува нејасно.
Владата претходно инсистираше да се заобиколи редовната собраниска процедура, а тоа се должи на европското знаменце. Познавачите апелираа да не се дозволи законот за употреба на лек „да се стори“ закон за бизнис на поединци.
Од невладините организации пак, обвинија и оти Владата си дава одлучувачка улога во доделувањето на лиценци, без надворешна контрола.
Досега во земјава 29 фирми добија одобрение за одгледување на канабис за медицински цели. Дел од медиумите претходно пишуваа дека клучните играчи на таа листа се роднини и блиски соработници на Премиерот Заев.