Масовната вакцинација на населението против ковид-19 започна во текот на вчерашниот ден низ целата територија на Република Македонија. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека страната „вакцинација.мк“ функционира беспрекорно и нема никакви проблеми при закажувањето. Тој упати апел до сите граѓани да се пријавуваат на сајтот.
Тој посочи дека од 9.000 граѓани кои добиле термин за вакцинирање, само половина или 4.500 се пријавиле за вакцинирање.
– Ќе видиме денеска како ќе се одвива процесот. Во текот на вчерашниот ден од девет илјади граѓани коишто добија термин насекаде во државата, околу 4.500 граѓани се пријавеле за вакцинација. Ќе се обидеме денеска да видиме и да го идентификуваме проблемот. Можеби заради тоа што е прв ден, можеби заради тоа што е почеток на ваков систем на вакцинација во места за масовна вакцинација насекаде низ државата. Искрено, верувам дека одѕивот нема да биде ваков понатаму. Апелирам сите граѓани да се пријават на сајтот вакцинација.мк, изјави Филипче.
Во однос на изборот на вакцина тој рече дека сите вакцини се безбедни и засега не се дозволува избор на истата. Контраиндикации не се забележани освен за вакцината на „Астра Зенека“ која не се дава на лица помлади од 60 години. Во месец мај се очекува да пристигнат близу 50 илјади вакцини Фајзер, а околу 14-15 мај пак се очекува и дополнителна количина вакцини од „Синофарм“.
Во однос на тоа дали се размислува за мобилни екипи кои би ги вакцинирале лицата кои живеат најоодалечено од местата на вакцинирање, Филипче рече дека постои таква можност, нагласувајќи дека вакви тимови веќе функционираат за неподвижните лица и за оние кои се сместени во старечките домови.