Говорејќи за менталното здравје на децата, еден од клучните фактори што често се занемарува во воспитувањето е физичката активност, којашто може да направи голема разлика во психоемоционалниот развој на детето.
Многу родители ја истакнуваат важноста на образованието, дисциплината и социјалните вештини при воспитувањето на своите деца, но битно е меѓу сѐ тоа да се вклучи и физичката активност. Децата, кои редовно вежбаат, спортуваат и си играат на свеж воздух, покажуваат пониски нивоа на анксиозност и депресија. Трчањето, пливањето или возењето велосипед го стимулираат ослободувањето на „хормонот на среќата“ – ендорфин, којшто има клучна улога во намалувањето на стресот, пишува порталот „Кликс“.
Редовното вежбање поттикнува здрав развој на мозокот, ја подобрува концентрацијата и ги намалува симптомите на стрес, што им овозможува на децата полесно да се справат со емоциите и предизвиците од секојдневниот живот.
Физичката активност го подобрува и квалитетот на сонот, што е битно за здравјето и за емоционалната рамнотежа. Децата кои се редовно физички активни имаат подобри социјални вештини бидејќи често вежбаат во групи, а тоа им помага да изградат самодоверба и чувство на припадност. Родителите, за да го поддржат менталното здравје кај своите деца, треба да ја вклучат физичката активност во нивниот дневен распоред.
Честопати, доволно е да му дозволите на детето да игра надвор, да вози велосипед или да учествува во групни детски активности. И семејните прошетки или спортски игри може да го подобрат менталното здравје на детето, покрај зајакнувањето на семејните врски.