Според извештајот на Институтот за јавно здравје, Општина Гевгелија со осумте новозаболени лица од Ковид-19, го собори дневниот рекорд на инфицирани во еден ден, потврдија од Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија. Тие велат дека од почетокот на пандемијата до денеска ова е најголем број на случаи во југоистокот од земјава.
– Ова се должи, пред се, на недисциплината на нашите сограѓани кои и покрај предупредувањата и нашите секојдневни апели, не ги почитуваат препораките за доследна примена на заштитните мерки, пред се, за носењето маски, држењето социјална дистанца и миење и дезинфекција на рацете, рече епидемиологот доктор Сашо Олумчев кој денеска апелираше заштитните маски да се носат дури и на отворен простор поради опасноста од ширење на вирусот и по воздушен пат.
Констатацијата на докторот за недициплинираното однесување на граѓаните од Општина Гевгелија во однос на примена на заштитните мерки и почитување на протоколите за заштита од ширење на коронавирусот ја потврдува и податокот од Полициската станица со општа надлежност од Гевгелија, според кој за период од четири месеци на територијата на општината се изречени 1 512 казни за неносење на заштитни маски.