Директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести Ентони Фаучи (79) изјави денеска дека американски компании работат на најмалку осум вакцини и дека, доколку се оди добро, би можело да се знае доцна на есен или рана зима дали се успешни или не.

– Националниот институт за здравство работи многу брзо, развиваме најмалку осум вакцини и очекуваме повеќе резултати, рече Фаучи, кој исто така предупреди за можните негативни последици од вакцината затоа што може да ги влоши ефектите од вирусот.

Главниот американски епидемиолог, кој со децении го води Институтот, за време на мандатот на шест американски претседатели, потсети дека во јануари беше кажано дека ќе бидат потребни 18 месеци за да се развие вакцина. Според него, работата на вакцината официјално почнала на 14 јануари, а 62 дена подоцна, започнала првата фаза, фаза на клиничко испитување со две дози кај доброволци.

Во наредните недели следат втората и третата, рече Фаучи, додавајќи дека ќе биде вклучено и тестирање на животни.

– Ако сме успешни, се надеваме дека тоа ќе го знаеме кон крајот на есента или раната зима. Имаме многу кандидати и се надеваме на повеќе резултати … ќе биде добро на глобално ниво ако имаме повеќе од еден успешен кандидат за вакцини, рече Фаучи. пренесува Фокс ТВ.

Обраќајќи се на Конгресот од неговиот дом, каде е во изолација поради можноста да бил во контакт со заразен член на персоналот на Белата куќа, Фаучи ги предупреди Американците за последиците од избрзаните тестирања.

– Морам да предупредувам дека постои и можност за негативни последици кога одредени вакцини можат всушност да го засилат негативниот ефект на инфекцијата, рече тој.

Тој додаде дека клучното прашање што го споменуваат експертите е ефективноста на вакцината, која во моментот е непозната, прашувајќи се дали ќе биде ефикасна или не и колку долго, потенцираше Фаучи.