Говедскиот црн дроб има силен вкус и висока концентрација на витамини, минерали и други есенцијални хранливи материи. Порција говедски црн дроб (околу 85 грама) содржи приближно 160 калории, 4,5 грама јаглехидрати, исто количество вкупни масти, 25 грама протеини, натриум, бакар, цинк, селен, фосфор, железо, калиум, витамини А, Д и Б6, Б12.
Импресивниот профил на хранливи материи, како што објави „Д-р Акс“, води до бројни здравствени придобивки.
Го зголемува нивото на енергија
Високата содржина на витамини Б и железо во говедскиот црн дроб ја зголемува енергијата и се бори против заморот. Рибофлавин, пантотенска киселина, ниацин, фолати, витамин Б6 и тиамин придонесуваат за ова.
Железото од црниот дроб е од витално значење за транспорт на кислород и производство на енергија, а говедскиот црн дроб е исто така богат со бакар, кој помага во апсорпцијата на железото.
Поддршка на имунитетот
Витаминот А, витамините Б и цинкот играат клучна улога во одржувањето на здрав имунолошки систем. Цинкот, на пример, се смета за „чувар на имунолошката функција“ и е важен за правилното функционирање на имуните клетки.
Создава црвени крвни зрнца
Железото и витамините Б се неопходни за здраво создавање црвени крвни зрнца, што ја спречува анемијата. Бидејќи црниот дроб е една од намирниците со најмногу витамини Б и железо, не е изненадување што тој е клучот за производство на црвени крвни зрнца.
Витаминот Б12 е особено потребен за функцијата на црвените крвни зрнца, а фолатите и железото, меѓу другите витамини и минерали, го поддржуваат тоа.
Подобрување на когнитивните функции
Холинот во говедскиот црн дроб е важен за здравјето на мозокот и може да ја поддржи меморијата, учењето и расположението. Една студија, спроведена кај благо анемични деца на возраст од три до девет години во Египет, го испита ефектот на јадење ќофтиња од црн дроб врз анемија, недостаток на витамин А и когнитивна функција. Една група деца добивала оброци од црн дроб трипати неделно во текот на 90 дена, додека контролната група – не. Оброкот со црн дроб го зголемил внесот на железо и витамин А кај децата кои го земале, што позитивно влијаело на подобрување на когнитивните функции.
Придобивки за бремени жени
Содржината на фолати во говедскиот црн дроб е од клучно значење за развојот на фетусот и спречувањето на вродени дефекти. Сепак, на трудниците им се советува да се консултираат со своите лекари за количината на внесот на црниот дроб, бидејќи премногу витамин А понекогаш може да предизвика проблеми.
Видот, забите, коските…
Витаминот А од говедскиот црн дроб позитивно влијае на видот, функцијата на имунолошкиот систем и растот на клетките, а витаминот Б12 е неопходен за производство на енергија, функционирање на нервниот систем и формирање на црвени крвни зрнца.
Бакарот ја поддржува функцијата на ензимот, поправката на ткивата и апсорпцијата на железо.
Холинот од црниот дроб го поддржува здравјето на мозокот, клеточната сигнализација и метаболизмот на мастите, додека фосфорот помага за здравјето на забите и коските.
Се верува и дека консумирањето говедски црн дроб помага во детоксикација на телото и одржување на здравјето на црниот дроб, а неговото влијание врз кардиоваскуларното здравје е, исто така, корисно, го подобрува крвниот притисок и здравјето на крвните садови и го подобрува квалитетот на спермата и јајце клетките.
Ризици и несакани ефекти
И покрај придобивките, важно е да бидете свесни за некои потенцијални недостатоци, вклучувајќи ја и високата содржина на витамин А, кој може да биде токсичен ако е консумиран во голема количина. Затоа умерената консумација е клучна, особено за бремените жени.
Говедскиот црн дроб има релативно високо ниво на холестерол, така што луѓето со висок холестерол треба да консумираат говедски црн дроб во умерени количини.
Исто така, говедскиот црн дроб може да стапи во интерација со одредени лекови, па затоа се советува да се консултирате со лекар пред да го консумирате.