Во Пехчево во тек се активности за помош на Бојан Димитриевски на кого му се потребни парични средства за негово лекување. Иницијатор на акцијата за помош на Бојан е Училишниот парламент при деветолетката „Ванчо Китанов”, кои потребните средства планираат да ги обезбедат во соработка со локалните институции и бизнис секторот.
– Бојан Димитриевски има 19 години и тешка форма на инвалидитет. За да се подобри неговата состојба треба да замине на третмани со матични клетки во клиниката „Неуровита”. Потребната сума за третманот е 27.877 евра. Средства за Бојан веќе се собираат во неколку општински институции и приватни фирми во Пехчево, а кутии во кои може да се донираат парични средства, поставени се и во угостителските објекти во градот, велат од ООУ „Ванчо Китанов”.
Акцијата за помош на 19-годишниот Димитриевски, како што додаваат, продолжува утре со хуманитарен концерт под мотото „Со срце за Бојан”.
–Хуманитарниот концерт ќе се одржи во киносалата при Домот на култура „Јане Сандански” во Пехчево.
Влезницата за концертот е 50 денари, а парите ќе бидат наменети за третманот на Бојан. Ги покануваме сите граѓаните на Пехчево да дојдат на овој настан и со своето масовно присуство да му помогнеме на Бојан, додаваат од ООУ „Ванчо Китанов”.
Во понатамошниот дел од акцијата, како што додаваат организаторите, помош за Бојан Димитриевски ќе се собира и по преку посебна телефонска линија за таа намена.