Кон почетокот на јуни ќе почнат со работа градинките, а очекувањата се границите да се отворат кон средината на јуни. Оние лица пак, кои со хуманитарни летови влегуваат во државата, треба да приложат ПЦР тест за коронавирусот и наместо во задолжителен државен карантин, ќе се упатат во задолжителна домашна самоизолација.
Токму средината на јуни, според министерот за здравство, Венко Филипче е најразумен период кога би требало да се отворат границите, апелирајќи дека луѓето можат да одат каде било доколку ги почитуваат мерките.
-Средина на јуни се очекува отворање на границите. Оваа недела би требало да заврши скринингот и веќе од онаа следна недела градинките ќе почнат со работа, значи отприлика на почетокот на јуни, рече Филипче.
За оние лица кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, воведени се нови промени.
Согласно одлуката на Владата, тие пред влегување на територијата на државата треба да приложат ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа, и наместо во задолжителен државен карантин, се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација.
-Наместо задолжителен државен карантин, задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, соопшти во текот на вчерашниот ден Владата.
И покрај очекувањата да се релаксираат мерките, министерот за здравство, Венко Филипче вчера истакна дека постои уште еден начин на пренесување на вирусот, што во моментов кај нас е актуелен, а тоа е преку близок респираторен контакт.
-Повеќе настани, повеќе семејни настани во меѓувреме се случија од каде што излегоа нови пациенти, меѓутоа во основа е истиот механизам на таков респираторен близок контакт, за жал непочитувајќи ги мерките кои се сега во сила, рече Филипче. (МИА)