Еден од членовите на коалицијата „Европски фронт“ и претседател на Европската демократска партија, Аријанит Хоџа смета дека е неоправдано разрешувањето на економската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази и се пожали од односот на медиумите.
-Од сите директори што ги разреши министерот за здравство, Арбен Таравари, медиумите на македонски јазик најмногу вреваа за разрешувањето на Бесија Илази. Знаете ли зошто!? Затоа што таа ги продолжи договорите за работа на 18 вработени Албанци и дека овие што денеска ќе ја водат оваа институција се избориле да не им продолжат договорите.
Исто така, Бесија беше нападната дека не го владее македонскиот јазик на високо ниво и тоа што институцијата ја водеше со перфектен албански јазик и изгледа ги оглуви оние кои денеска се назначени со потпис на министрите-вазали, објави Хоџа на социјалните мрежи.
Додава дека е „горд што кадар како Иљази докажа дека може храбро да се соочи со антиалбанскиот менталитет во институциите и што стана причина да се покаже вистинското лице на вазалскиот пристап на коалицијата ВЛЕН и владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“.
Според него, „ниту отказното решение не е испратено на албански јазик бидејќи итната состојба на ВМРО-ДПМНЕ мора да ја спроведат нејзините вазали“.
Поранешниот министер за здравство, Фатмир Меџити е нов директор на Неврологија, Андон Чибишев на Токсикологија, соопшти министерот за здравство. Таравари разреши и десетина економски директори, меѓу нив и токму Иљази од Клиниката за токсикологија. Вели дека приоритет ќе биде и решавање на состојбата на Онкологија. Најави и нови вработувања во здравството.
Дел од вработените на Токсикологија обвинуваа дека директорката не сака да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно ги туркала 18-мина на кои лани им завршиле договорите. Ставот на лекарскиот колегиум беше дека воопшто немаат потреба од толкав број на нови примања. Според нив, Клиниката во моментот реално има потреба од тројца луѓе за да се доекипира лабораторијата.
За Иљази веќе беше објавено дека не комуницира на македонски јазик, па кога морала да соработува со колегите, преведувачи ѝ биле двете секретарки вработени во оваа клиника.