На предлог на Министерството за здравство, Владата донесе одлука до Собранието на РМ да биде доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, во кој, меѓу другото, се укинува принципот на плаќање по учинок на здравствените работници и основната плата и делот за успешност ќе се утврдуваат во согласност со Колективниот договор, како и создавање на услови за обезбедување здравствени работници во јавните здравствени установи преку преземање од приватните здравствени установи.
Плаќањето според учинок беше дел од реформите во здравствениот систем што беа воведени пред шест години. Овие промените предизвикаа револт кај дел од здравствените работници, особено кај лекарската фела. Тие јавно реагираа, па дури и протестираа за ваквиот начин на одредување на нивната плата.
Плаќањето по успешност за здравствените работници го воведе тогашниот министер за здравство Никола Тодоров кој што сметаше дека во зависност од залагањето на лекарите тие ќе можат да добијат 20 отсто поголема плата или да бидат казнети со најмногу 20 отсто помала плата.
Но токму овој модел за плата по учинок жестоко беше критикуван од лекарската фела, за што пак новиот министер за здравство Венко Филипче се заложи да им излезе во пресрет и да го укине овој начин на плакање во јавното здравство. Филипче смета дека на овој начин ќе привлече дел од специјалистите од приватното здравство да се вратат во редовите на јавното од каде што и произлегле и работеле во него долги години.