Ако се уште има некој што му верува на Зоран Заев, а во таа смисла и на било кој во неговиот владин кабинет дека не знаел и не бил вмешан во рекетот кој се вршел врз бизнисмени опфатени со истраги на СЈО, тогаш веројатно ова ќе ги осоколи и оние кои се уште мислат дека Заев е невин, стои во анализата на порталот Инфомакс.

Целиот текст на Инфомакс, од новинарот А.Митовски прочитајте го во продолжение:

И не ми беше намерата со овој текст да ве убедувам во инволвираноста на Заев во криминалот на Боки и Јанева. Ако тоа досега не сте успеале да го сфатите, нема ни сега. Но она што можам да го направам е да обелоденам уште некои нови детали.

Овој пат, да зборуваме за темата на состанокот во формат Бојан Јовановски, Венко Филипче и Орце Камчев. Или подобро кажано, серијата на состаноци.

За прв пат во јавноста, името на Венко Филипче како човек кој бил во контакт со рекетарите на неговиот владин шеф, Боки 13 и Катица Јанева, беше споменато на второто рочиште пред судот, дента кога како сведок беше повикан Орце Камчев како пријавител на рекетарската шема која се вршела врз него.

Но како што беше споменат, онака попатно, Филипче се изгуби од фокусот на јавноста благодарение на секојдневните напори за дефокусирање на граѓаните со стерилни теми во стилот „ете видовте, Заев не знаеше за шемата“. Изјава тогаш даде и Венко, во насока на тоа дека се знаел со Орце и дека таков состанокт навистина се случил, ама ете, ништо не испаднало од истиот. Ама, не е баш така…

Прво, немало само еден состанок во овој формат – Боки, Венко и Орце. Биле повеќе состаноци. Сите биле тематски, односно во насока да се искористи позицијата на Камчев со цел министерот за здравство да си ја обезбеди својата иднина по промената на власта на 12. април. Секако, во тие моменти Филипче не знаел дека ќе има предвремени парламентарни избори, но човекот си работел на обезбедување на својата финансиска сигурност и сигурноста на неговите поколенија.

Имено, тема на разговор на состаноците било склучување на јавно-приватно партнерство помеѓу Министерството за здравство и Орце Камчев. Во ова јавно-приватно партнерство, како што кажува Боки Тредичи, Орце Камчев бил убедуван да ја купи Градската болница „8 Септември“, и видете чудо – понудената спогодба била во висина на побараниот рекет. Од бизнисменот се барало да влезе во партнерство со Филипче за 10-тина милиони евра, a од овие одреден процент да биде исплатен во кеш пред склучувањето на ЈПП. Секако, „каса“ би бил Боки до исполнување на договорот. Нешто како ценовникот на Димишкови…

Како и Боки и Катица, овој план на бизнисменот му бил презентиран како „одлична можност“ тој повеќе да нема проблеми со власта. Демек, вака да си ја купи слободата. Класичен, легализиран рекет.

И сега сакате да ми кажете дека Зоран Заев не знаел за „Рекет“?

Или пак сакате да дискутираме дали Никола Димитров го информирал неговиот шеф дека еден нерезидентен амбасадор го информирал дека бизнисмени се рекетираат година дена пред да пукне аферата во јавност?

Како тогаш Заев знаел дека Боки „многу му земал“ на Орце и дека „не требало толку“?

Кој бил човекот кој во Влада го повикал Боки за да го информира дека Орце бил таму и го пријавил рекетот што се вршел врз него? Зошто обвинителството не истражува во оваа насока?

Но знаете што е најинтересно, името на Венко Филипче за прв пат во етерот го извади токму Бојан Јовановски. Оттука, се поставува и логичното прашање – отвори ли Боки ново поглавје во „Рекет“, испраќајќи му порака на Зоран Заев дека ќе ја разоткрие целата шема и сите инволвирани?-анализира Инфомакс.