Ивермектин е лек стар три децении, а туку што стана дел од терапијата за лекување на пациенти заразени од новиот коронавирус во македонското здравство. Лекот се користи за третман на паразитски заболувања, но покажал извонредно позитивни резултати при третман на Ковид-19, потврдуваат од министерството за здравство. Во изминативе два-три месеци научниците во светот објавија бројни студии и докази за ефикасноста на Ивермектинот при лекување на пациенти заболени од Ковид-19.
Ивермектинот во Македонија досега се користел само за лекување на животни во ветеринарните амбуланти. Но Комисијата за заразни болести заедно со стручниот тим на пулмолози од земјава го изготвила мислењето за лекот и дала дозвола за негово користење во третманот на новиот коронавирус. Во моментов Инвермектинот е дел од протоколите за лекување на Пулмолгија, а истото ќе важи и за ковид центрите во интернистичкиот блок.
Но дали по празниците лекот ќе влезе во болниците, зависи од постапките за интервентен увоз. Од МАЛМЕД велат дека ќе се забрзаат процедурите за да може истиот што поскоро да се користи како терапија во лекувањето на Ковид-19.
Ивермектин прв пат е употребен кај луѓе во 1987 година и досега е препишан во 3,7 милијарди дози низ целиот свет. Некои земји веќе го употребуваат лекот за третман на болни од ковид, вклучително Австралија, Индија, Бангладеш, Аргентина, Парагвај, Перу…
Во последните неколку месеци од избувнувањето на пандемијата, обезбедни се докази дека ивермектин дава добри резултати при третман на ковид пациенти со лесна, средна и со тешка клиничка слика, но и дека преку превентивна употреба го спречува пренесувањето на вирусот.
Доктор Пјер Кори, пулмолог и член на Алијансата за критична нега против Ковид-19 – организација составена од група лекари и научници од повеќе здравствени институции и универзитети во САД, зборуваше дека Ивермектинот докажано дава „чудесен ефект“ против Ковид-19 и оти тој може да биде решение за здравствената криза во светот.
Според македонските пулмолози лекот не смее да се зема на своја рака колку и да е безбеден. Неговата примена ќе значи скратување на времетраењето на болеста, намалување на симптомите и спречување на смртноста, посочува проф. Др. Дејан Доќиќ, директор на клиниката за пулмологија.