Воспаленијата и депресијата се поврзани, открива истражувањето на Кралскиот колеџ во Лондон, Велика Британија. Многу воспалителни болести се карактеризираат со тоа што пациентот е склон кон депресивни состојби, но честопати со право се тврди дека депресијата е само несакан ефект на болеста.
Користејќи податоци од „УК Биобанк“, проучувањето ја разгледува врската меѓу депресијата и воспалителниот биомаркер наречен Ц-реактивен протеин (ЦРП). Научниот труд опфаќа речиси 86.000 луѓе, од кои околу една третина имале клиничка дијагноза на акутно депресивно нарушување.
Истражувачите сметаат дека, во прицип, нивото на ЦРП е повисоко кај депресивни субјекти отколку кај недепресивни субјекти. И по прилагодувањето на другите клинички и бихејвиорални фактори, истражувачите сè уште наоѓаат врска меѓу овој воспалителен биомаркер и депресијата.
– Нашата голема анализа на податоци покажа дека социоекономските фактори, лошото здравје, нездравите навики и генетската предиспозиција за имунолошка дисфункција не се единствените објаснувања за врските меѓу депресијата и воспаленијата. Преку овој процес на елиминација, докажуваме дека може да постои основен биолошки процес зад врската меѓу депресијата и зголеменото ниво на воспаление. Ако можеме да го идентификуваме овој процес и поподробно да ја откриеме неговата улога во развојот на депресија, можеме да го отвориме патот за испробување нови третмани за ова раширено ментално растројство, истакна Кармин Паријанте, еден од авторите на трудот.
Претходните истражувања што ги критикуваа ваквите хипотези посочуваат дека односот меѓу двата фактора може да биде индиректен. Според нив, познато е дека слабиот сон и дебелината се поврзани со воспалението и депресијата, па затоа е тешко да се прифати кој било причинско-последичен механизам.