Светскиот напредок во политиките за контрола на тутунот и цигарите е подзабавен првпат по 12 години, и тоа се случува по избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, според неодамнешните анализи. Се предупредува дека милиони луѓе ширум светот најверојатно ќе продолжат да пушат како резултат на тоа.
Истражувањето е објавено под наслов „Фокус на светскиот напредок во контролата на тутунот“ (Global Tobacco Control Progress Hub), како соработка меѓу непрофитната организација „Екшн он смоукинг енд хелт“ (АСХ) од Канада и Блумберг школата за јавно здравје „Џон Хопкинс“ во САД.
Центарот го следи спроведувањето на законодавната рамка за контрола на тутунот на Светската здравствена организација (СЗО), која што е договор на светско ниво, насочен кон борба против пушењето. Резултатите од анализата покажаа дека меѓу 2020 и 2022 година има забавување на спроведувањето на шест клучни мерки од рамката, вклучително зголемување на даноците, забрани за рекламирање и промоции, и правилата и забраната на пушење на јавни места.
Најголемо влошување е забележано во земјите со ниски приходи, особено во регионите на Источното Средоземноморје и Југоисточна Азија, се наведува. Според тоа, милиони луѓе кои инаку би престанале да пушат, веројатно ќе продолжат да користат тутунски производи поради неуспехот во спроведувањето на мерките.
Лес Хаген, шеф на АСХ, смета дека е разбирливо што корона-пандемијата го привлече вниманието на властите ширум светот, но забавувањето е „вознемирувачко“ и ги повика земјите да ги засилат напорите околу тоа. Тој предупреди дека отстапувањето од спроведувањето на мерките може да има „сериозни последици за милиони луѓе ширум светот“, особено ако продолжи во овој правец.
– Анализата се заснова на извештаите што земјите ги испратиле до СЗО. Имено, две третини од земјите пријавиле или никаков напредок или влошена имплементација на клучните политики за тутун, а само една третина пријавиле подобрување, рече Хаген.
Според СЗО, тутунот убива до половина од своите корисници кои не престануваат да пушат. Посебен извештај на Мрежата на академски и јавни здравствени организации СТОП и Центарот за контрола на тутунот објавен минатата недела, исто така, откри влошување на спроведувањето на вториот дел од рамката на СЗО, чија што цел е да се спречи мешањето на тутунската индустрија во јавните политики.