Во „Јавна Соба“, во Скопје, пред фото изложбата посветена на Вториот ден од менструалниот циклус кај жените, се одржа дебата на истата тема. Меѓу говорниците беше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која недвосмислено ги поддржа женските права и општата борба против стигмата околу менструалниот циклус.

  • Преку образование во училиштата, преку различни активности девојките мора да добијат поддршка и разбирање во овој период. Лично и институционално ќе ги поддржам сите прогресивни идеи кои водат кон разбивање на родови стигми и ограничувања”, истакна министерката.

На панелот се обратија и д-р Симонида Котларова Попоска, гинеколог која стручно ја објасни промената на телото на жената пред и за време на менструацијата. Во ова нејзино излагање присутните преку научно-популарен јазик дојдоа до сознание зошто се јавуваат грчевите во долниот дел од стомакот кај девојките и жените.

  • Затоа што матката во тој момент, контрахира, односно се грчи”– објасни др. Котларова Попоска.

Натка Пачоска, специјалист по медицинска психологија говореше за различните верувања од хиндуизмот, православието, сè до некои обреди во африканските племиња, давајќи осврт на односот на општеството кон менструалниот циклус на жената и колку тоа може да влијае врз нејзиното ментално здравје. Жената бездруго поради хормоналните осцилации во тој период доаѓа до низа ментални промени меѓу кои и понекогаш до времено замаглување на свеста.