Јапонија го откажа купувањето на околу 40 милиони дози на вакцината АстраЗенека против Ковид-19, што лани се согласи да ги купи, соопшти денеска претставникот на јапонското Министерство за здравство во парламентот на земјата.
– Владата ја искористи понудената можност во договорот да го откаже делот за набавка, доколку смета дека е непотребна, рече претставник на министерството, одговарајќи на прашање на пратеник, пренесуваат британските медиуми.
Јапонија првично се согласи да купи 120 милиони дози, а повеќето од нив се произведени дома, од Даичи Санкио и други локални партнери. Околу 200.000 дози АстраЗенека се доставени до локалните власти во Јапонија, додека 63 милиони дози се донирани во странство, додаде официјалниот претставник.
Досега Јапонија главно се потпираше на РНК вакцините развиени од Фајзер и Модерна, потсетува британската агенција.