Веќе подолго време, можеби неколку години македонското здравство се соочува со проблемот на недостаток на здравствен персонал од сите профили, доктори, медицински сестри, лаборанти, болничари.

Скоро да нема ден некое здружение на медицински работници или поединци да не излезат во јавноста со реакции дека работата во здравствените институции во Македонија е во сериозна животозагрозувачка состојба и дека прашање на денови е кога здравтвениот соистем целосно ќе колабира заради недостаток на медицински персонал.

За тоа има повеќе причини од кои очигледна е неспособноста на владеачката гарнитура и после седум години власт да изнајде трајни решенија за ваквата загрижувачка состојба. Импровизациите , манипулациите, балансеризацијата и несоодветните вработувања доведоа до ситуација која сериозно го загрозува нормалното функционирање на здравствените институции на сите нивоа.

Деновиве имаше реакција од група на млади доктори кои се жалат дека и покрај ветувањето на Владата дека сите кои ќе добијат лиценца за работа од Лекарската комора ќе бидат упатени на платена пракса по здравстевни институции тоа не било испочитувано и дека таква привилегирана можност добиле само ,, одбрана група на лиценцирани доктори,, додека останатите биле оставени сами да се снаоѓаат иако владеачката гарнитура во својата програма вети дека секој млад дипломиран лекар со лиценца за работа ќе добие шанса, ќе му биде обезбеден платен работен стаж , но и паричен надоместок како стимулација.

Колку убаво звучи ветувањето презентирано во Програмната на СДС за периодот 2020 -2024 година во која се ветуваше дека максимално ќе се вложува во унапредување на професионалниот дигнитет и автономија на здравствените работници, преку инвестирање во нивната едукација, вистинско вреднување на трудот и подобрување на работните услови. За жал не видовме ништо од ова туку гледаме секојдневно подценување на здравствените работници, нивно психичко и физичко малтретирање на работните места а условите за работа се драматично влошени.

Без срам се ветуваше дека ќе се воведе систем на континуирана едукација за медицински сестри со цел зголемување на нивните компетенции и знаења во соодветната област каде што работат и дека ќе се потпишеме стратешки договор со Универзитетската болница од Франкфурт за едукација на млади лекари и сестри по принцип на ротација. Од овие примамливи празни ветувања не видовме ништо во пракса или можеби е предвидено да се реализираат во некој следен мандат.

На крај не може а да не го спомнеме проблемот со вработените во здравството кои имаат времени договори и од чие ангажирање зависи нормалното функционирање на поголемиот дел од здравствените инситуции.

Крајно безобразно и нечовечки им се ветуваше дека нивните времени договори ќе бидат трансформирани во постојани вработувања и за жал повторно беа изманипулирани, излажани и оставени да чекаат некои подобри времиња. Што е уште потрагично времените договори не им биле продолжени. Затоа, секојдневно и со забрзано темпо ни се случува своевиден егзодус на здравствени работници во приватното здравство или во странство.

Овој проблем уште повеќе го усложнува и отежнува нормалното функционирање на здравствениот систем и го забрзува процесот на целосен колапс на македонскиот здравствен систем.

Проф. др Андон Чибишев
Член на Централната комисија за здравство и Градскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ