Зимските месеци се оној период од годината кога настинките и грипот имаат најголема распространетост. Еден од најиритирачките симптоми кои се појавуваат за време на сезоната на грипот и настинката е кашлањето.
Поради фактот што кашлицата знае да биде многу здодевна појава која честопати го нарушува и сонот, многу луѓе покрај вообичаените таблети за смукање и сирупи, се повикуваат и на природни лекови од народната медицина, сè со цел што побрзо да се ослободат од непријатното кашлање.
Еве неколку природни лекови за кашлица кои се прифатени како ефективни:
- Мед. Може да се каже дека медот е најпопуларното и најефикасното средство за ублажување на кашлицата. И медицинските експерти се согласуваат дека консумирањето на мед пред спиење ја намалува кашлицата и го подобрува спиењето.
Внимание! Никогаш не му давајте мед на дете помало од 1 година.
- Топла лимонова вода со мед. Во чаша со топла вода исцедете еден лимон и додајте една голема лажица мед. Ова е популарен природен лек и за болно грло.
- Сируп од кромид и шеќер. Сокот од кромид е популарен лек против кашлица. Многумина тврдат дека тоа е единственото нешто што им помогнало да се ослободат од сувата кашлица. Еве како да го приготвите:
Отсечете го дното на една главица црвен кромид. Потоа, отсечете го и врвот и издлабете го кромидот така што ќе направите дупка без да го пробивате дното. Наполнете ја главицата со 2-3 лажички шеќер.
На дното со нож со остар врв направете мали убоди, поставете ја главицата над филџан или чаша и оставете ја преку ноќ. Во текот на ноќта шеќерот ќе се топи, а во филџанот ќе истече мало количество сок од кромид.
Утрото земете го преостанатиот шеќер кој стоел во главицата и измешајте го со исцедениот сок. Испијте ја течноста. По желба, можете да засладите и со мед.
Така приготвениот сируп всушност и нема толку лош вкус како што би си помислиле. Пијте ваков сируп по двапати дневно.
- Сируп од кромид, лук, мајчина душица и мед. Измешајте половина шолја мед со половина шолја вода и во таа течност додајте една главица издробен кромид и една главица издробен лук. Додајте малку мајчина душица и оставете ја смесата да стои преку ноќ. Наредниот ден исцедете ја течноста и пијте ја како сируп. Складирајте го сирупот во фрижидер.
- Варен кромид и мед. Во длабок сад варете крупно исечен кромид додека не омекне. Извадете го кромидот и измешајте го со мед. Јадете по малку на секои 4 часа.
- Чај од мајчина душица или босилек. Чаевите од мајчина душица и босилек исто така ја смируваат кашлицата, а за максимален ефект, додека се топли во нив додајте и по една лажица мед.
- Чај од ѓумбир. Ѓумбирот може да ви помогне за намалување на кашлицата. Пригответе го како чај за да ги искористите и придобивките од консумирањето на топла течност.
- Сируп од рен и мед. Изрендајте 1/8 лажичка рен во ¼ шолја мед. Оставете ја смесата да стои неколку часа, а потоа пијте ја како сируп за кашлица. Освен што ќе го намали кашлањето, овој сируп ќе ви го олесни и дишењето.
- Топли пијалаци – чаеви, топло чоколадо, супа. Кашлицата се засилува кога грлото е суво и кога чувствувате гребење. За да го елиминирате тоа, потребно е постојано да внесувате топли пијалаци. Ќе почувствувате големо олеснување без разлика дали консумирате супа, топло чоколадо или чај по вкус.
Кога треба да побарате лекарска помош?
Во голем дел од случаите, за кашлицата не е неопходна консултација со лекар, но доколку забележите некој од следниве симптоми, веднаш упатете се кај вашиот матичен лекар:
- Телесна температура повисока од 38°С;
- На градите се слуша груб звук како грчење или свирење при издишување;
- Болки или печење во градите;
- Тешкотии при голтањето и дишењето;
- Искашлување на густ зеленкав, розов или крвав секрет;
- Кашлицата трае повеќе од една седмица и состојбата не се подобрува.