Загадувањето на воздухот, како во затворен простор, така и на отворено, годишно предизвикува смрт на околу 600.000 деца на возраст под 15 години, како резултат на акутни респираторни инфекции, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Загадувањето на воздухот е новиот „тутун”, потенцира генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус во соопштение објавено на веб-страницата на Организацијата, која денес во Женева ја одржува Првата светска конференција за загадување на воздухот и здравјето.
По тој повод, Организацијата објави извештај, во кој се вели дека секој ден околу 93 проценти од децата во светот под 15-годишна возраст дишат валкан воздух што ги загрозува нивното здравје и развој.
Во 2016 година загадениот воздух во затворен и на отворен простор бил причина за смртта на 543.000 деца под петгодишна возраст и 52.000 деца на возраст од пет до 15 години, како резултат на предизвикани респираторни инфекции, се вели во извештајот.