Ние го избравме оној модел на рестрикции кој одговара на нашиот менталитет и нација и еве го резултатот се намалува бројот на тестови и бројот на заболени. Овие мерки дадоа резултат. Секој земја си одбра свој систем, објасни министерот за здравство Венко Филипче во вчерашната прес-конференциja.
Во врска со тоа дека од СЗО ја посочиле Шведска како добар модел за справувањето со коронавирусот, Филипче истакна дека ние сме го избрале идеалниот модел за нашата земја и нашиот здравствен систем, и оти сега се гледаат резултатите од тоа, односно дека постепено се намалува бројот на дијагностицирани пациенти и бројот на тестови.
За професорката Катерина Колозова, степенот на рестриктивност е премногу голем, превисок, но сепак ефектот во однос на заштитата на здравјето е премногу мал.
-Ние и Србија имаме најригорозни мерки во регионот и пошироко во Европа, односно тие престроги мерки се контра-продуктивни“, изјави професорката.
Според неа, што е поголема рестрикцијата во државата и што е поголема полициската контрола, се покажува немање доверба во одговорот на граѓаните и се создава непријателство меѓу нив и државите, изјави Колозова во емисијата „Еуро фокус“ на телевизија Телма.
Според истражувањата на научниците од Универзитетот Оксфорд, Хрватска, Србија и Словенија имаат најстроги мерки за заштита од пандемијата на вирусот Ковид-19 во светот.
Максимални 100 бодови на ранг-листата за строги мерки, според Оксфорд имаат Хрватска, Србија, Словенија, Индија, Пакистан, Сирија, Виетнам, Шри Ланка, Тунис, Уганда, Јужноафриканска Републија, Боцвана, Мадагаскар, Хондурас и Костарика.
Најмалку бодови има Кина (42,86), каде пандемијата првично се појави и имаше стотици милиони луѓе под некој вид на карантин, но во меѓувреме епидемијата во Кина наводно се смири и карантинот е укинат, иако таму се очекува втор бран на епидемијата.
Најпозната по своите благи заштитни мерки е Шведска, која до пред една недела беше најопуштена во тој поглед во светот, па заради тоа од вкупно 100 бодови имаше 42.86.
Некои земји немаат достапни податоци за заштитните мерки, вклучувајќи и Туркменистан, чиј режим исто така забрани и користење на зборот коронавирус во јавност. Или, пак, Белорусија, чиј претседател Александар Лукашенко ги советуваше граѓаните да пијат вотка за да се борат против болеста и додаде: „тука нема вируси. Не ги гледам“.