Мајчинството и доењето се едни од најубавите, најблаготворните, највредните, но и најисцрпните работи во животот на една жена. Доењето особено е она кое ја создава онаа нераскинлива врска помеѓу бебето и мајката и затоа треба да се обрне дополнително внимание на исхраната на секоја доилка. Еве неколку совети каков тип на исхрана треба да се практикува во периодот на доењето.
Една од важните работи за доилките е да пијат доволнa количинa на течности: вода, јогурт и млеко, лесни билни чаеви, супи, свежо цедени сокови. Алкохолните напитоци треба да се изостават, а кафето и чаевите од видот на црн и зелен чај, да се сведат на минимум. Се препорачува внес на 3 порции млечни производи во текот на денот и тоа посебно збогатени со витаминот Д (1 порација = 250 мл млеко или јогурт = 80 грама немасно сирење = 50 гр кашкавал).
Треба да се консумира разновидно овошје и зеленчук во најразлични бои, а да се избегнуваат намирниците кои предизвикуваат надуеност: грав, леќа, соја, кикирики. Јаткастите плодови (ореви, лешници, бадеми) и семките (ленено, сончоглед, семки од тиква) пожелно е да се консумираат секојдневно. Исто така потребно е да се внесуваат доволни количини на месо и риба, особено сардина.
Секојдневно треба да се користат намирниците кои се извор на јаглени хидрати: леб, тестенини, ориз, компир. Но, потребно е да се избегнува храна која содржи транс-масти како масни пецива, кекси, грицки, соленки.
Што се однесува до лековите, поголемиот дел од нив преминуваат во млекото, па задолжително пред земање на било каков лек потребна е консултација со лекар.