Оваа катанга, нечистотија и извор на зарази, прикажани на фотографиите што ги направи редакцијата на Плусинфо е снимена на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје.
На приземјето од оваа здравствена институција каде што се лекуваат пациенти со тешки болести на белите дробови нема чешма во едниот од двата тоалета, а ниту казанче, па во тоалетот истураат вода со пластични канти кои ги полнат од соседната просторија. Овој импровизиран тоалет секојдневно го користат десетина лекари и медицински персонал кои работат на приземјето сосе вработените на приемното одделение на амбулантата.
Ако патот ве однесе неколку скали подолу каде што е сместена болничката перална ќе ве шокира грамада од неред направен од стари, предмети, апарати, даски, кофи… сѐ и сешто за на буниште, но не и за во подрумот на болницата во која функционира само средниот кат каде што е сместена управата и директорот Арбен Љабеништа, кој очигледно, откако е поставен за прв човек на болницата не мрднал со прст да ги исправи грешките на својот претходник, зошто во тоалетот за вработените немало вода цели четири години, а тоалетното казанче не функционирало повеќе од една година. Не работи и лифтот, па храната која се носи зготвена, а се сервира во запуштена и нечиста кујна, ја носат на раце до вториот кат каде што е болничкото лекување.
Вториот кат раскажува уште потажна приказна – тука се сместсени тешко болните пациенти опкружени со сивилото и нечистотијата.
Редакцијата Плусинфо се јави во Санитарниот здравствен инспекторат да праша како е дојдено до оваа катастрофална состојба, но од таму најавија дека во текот на денот ќе ни одговорат кога последен пат е направена контрола во болницата и зошто досега не се преземени никакви мерки.