За првите четири месеци годинава дури 110 лекари ја напуштиле земјата и продолжиле со докторската дејност во Германија и други западно европски земји. Од евиденцијата на Лекарската Комора, само десетина од нив се на едукација во странство. За лекарската фела ова е загрижувачка статистика бидејќи годинешната бројка е идентична со потврдите издадени во 2017. Најмногу одлив на лекарски кадар имало во 2015 и 2016 година кога надвор од границите на Македонија заминале 340 доктори.
–Секако е загрижувачки да образувани млади луѓе ја напуштаат државата. Со колеги си дискутираме дека држава која има ваква младина не смее да се грижи за иднината на германија. За жал нашата младина ја школуваме и како високообразовни лица одат да работат во Германија, вели др. Калина Старделова Гривчева, претседател на ЛКМ
Издадени потврди на лекари за одење во странство од Lекарска Комора на Македонија:
2010 – 72
2011 – 127
2012 – 138
2013 – 157
2014 – 140
2015 – 171
2016 – 172
2017 – 120
2018 (јануари –април) – 110
Податоците дека од 2010 до сега околу 1200 лекари заминале во странство, според Лекарската комора е доволен знак за итно преземање на мерки со кои ќе ги мотивираат студентите на медицина по дипломирањето да размислуваат за работа во Македонија а не да одат во други земји. Новиот закон за здравствен заштита кој е во подготовка треба да им гарантира работа на сите млади доктори.
-Да се обидат на сите доктори кои ќе почнат специјализација да им се најде работа. Прво работа а потоа да се подобрат и условите за работа, вели др. Гривчева
Во бројката од 1200 заминати од државата не се и медицинските сестри, кои во многу поголем број ги напуштаат здравствените установи во државата, одат на интензивни курсеви по странски јазици и продолжуваат со работа во други земји..