Од УПОЗ очекуваат по 31 мај одлуката за вредноста на бодот да остане иста, во спротивно, велат дека штрајкот ќе биде повторно активиран

Штрајкот на вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) е ставен во мирување. Ова е одлуката по денешната седница на Управниот одбор на ФЗО, синдикалната организација членка на Синдикатот на УПОЗ.

„Единството помеѓу вработените во истрајноста, се со цел да не се намалат платите во износ од 21 отсто, но и значењето на услугите кои ги нуди ФЗО, надлежните мораа да попуштат и да ја утврдат досегашната вредност на бодот“,

се вели во објавата на фејсбук-профилот на УПОЗ.
Од УПОЗ очекуваат по 31 мај одлуката за вредноста на бодот да остане иста, во спротивно, велат дека штрајкот ќе биде повторно активиран.

„На синдикалните лидери на другите синдикати кои се организирани во ФЗО, да им укажеме дека Синдикатот на УПОЗ е единствен репрезентативен синдикат во управата и правосудството во РМ, и истиот низ годините наназад не подлегнувал и нема да подлегне на никаков притисок, а бидете сигурни дека и натаму ќе продолжи да ги брани правата на своите членови“,

се додава во објавата.
Седницата на Управниот одбор на ФЗО доаѓа откако вчера, по упатеното барање од страна на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ) до претседателот на Владата, Талат Џафери, преовлада разумот во Владата и на вчерашната седница, донесе нов заклучок со што ја поништи претходната препорака која беше испратена до Управниот одбор и донесе нова препорака, со која се препорачува вредноста на бодот да остане иста.

Директорот на ФЗО: Со премиерот донесовме одлука платите на вработените да останат исти до мај

В.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Асаф Абдурамани, вчера на својот фејсбук-профил, соопшти дека е донесена одлука за еднаква вредност на платите до 31 мај 2024 година.

Вработените во ФЗО бараа платите годинава да им бидат во висина на декемвриската плата од 2023 година, со утврденото зголемување од 15 отсто. Тие од вчера стапија во штрајк, изразувајќи незадоволство од можното намалување на платите за 21 отсто. Овие два дена на шалтерите на Фондот работеше по еден вработен и примаше документи само за итни случаи.

Втор ден штрајк во ФЗО, Џафери најави дека повторно ќе се разгледува одлуката за намалување на платите во Фондот

Според синдикатот, одлуката за платите ја чекаа 831 вработен во Фондот. Ако имаше намалување, 25 проценти ќе добиваа плата под минималната, а 25 отсто колку минималната плата.

Буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари и од него за плати се издвојуваат 1,19 проценти.