Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска присуствуваше на потпишувањето договор за грант меѓу Амбасадата на Јапонија и Медицинскиот факултет за набавка на нов дијагностички ултразвук за тироида и вратна регија.

Станува збор за грант во вредност од 23.165 евра, а новиот апарат апарат ќе се набави преку „Јапонската грант програма за мали проекти (GGP)“.  Со обезбедувањето нов дијагностички ултразвук за тироида и вратна регија, значително ќе се унапредат условите за третман на пациенти со заболувања на тироидата, а воедно ќе се зајакнат капацитетите за дијагностика на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина.

 

– Овој апарат е од непроценливо значење и ќе го намали времето на чекање за цитодијагностички пункции, а со тоа ќе ја направи методата подостапна, истовремено подобрувајќи ја дијагностиката на тироидните заболувања. Сакам да се заблагодарам на јапонската амбсада за разбирањето, ангажманот и великодушноста која ја покажаа во оваа и во многу други прилики претходно. Се надевам и во иднина интензивната соработка ќе продолжи со несмален интензитет со цел да се подобри здравствениот систем и истиот да стане подостапен и поквалитетен, а сето тоа за добробитот и благосостојбата на нашите пацинти, на сите граѓани на Република Северна Македонија, посочи министерот.

Амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија, Н.Е. Кеико Ханеда, потенцираше дека соработката на Јапонија во областа на медицината има долга успешна историја и ќе продолжи да се зајакнува и во иднина.