До крајот на мај или јуни 2024 година ќе заврши процесот на спојување на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје со што функциите на 33 економски и 33 медицински директори веќе нема да постојат, потврди министерот за здравство, Фатмир Меџити кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири присуствуваше на презентацијата на нова апаратура за генетско испитување при МАНУ.

Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека процесот е започнат и тој ќе мора да заврши со што, како што кажа тој ќе се оствари неговиот прв приоритет откако пред девет месеци беше назначен за министер за здравство.

„До крајот на мај или јуни 2024 година 33 управни одбори, 33 организациски и 33 медицински директори веќе нема да има. Нема да ги има ниту заедничките служби кои трошат 20 милиони евра годишно. Клиничкиот центар ќе се спои и ваква состојба во здрвството веќе нема да дозволиме. Планот се спроведува според определената динамика“, рече Меџити.

Прашан што ако после изборите има нова Влада која нема да го продолжи овој план, Меџити рече дека после изборите ќе остане истата Влада.

За тоа дека нема лекови за онколошките пациенти и за болните од дијабет, Меџити рече дека тоа не е точно, дека сѐ е под контрола и дека лекови има и ќе има.

Тој уште информираше дека договорот за изградба на болницата во Кичево е раскинат и ќе биде потпишан нов, а најави дека до крајот на годинава или во јануари ќе биде распишан тендерот и за доизградба на Клиничкиот центар во Штип.

Министерот за здравство Меџити упати јавна критика до Министерството за финансии, затоа што, како што рече тој, не го спроведува договорот за вработување на медицинскиот пресонал кој работи со договор на дело.

„Шест или седум месеци се договаравме со Министерството за финансии. Напорно работев и навистина не знам зошто се случува ова. Утре на владина седница повторно ќе го покренам прашањето за вработување на медицинскиот кадар кој сега работи со договор на дело“, рече Меџити.

Премиерот Димитар Ковачевски пак рече дека спојувањето на Клиничкиот центар доаѓа непосредно пред изборите, иако беше ветено во програмата на СДСМ на минатите избори, затоа што Владата се нашла пред други сериозни предизвици како што се ковид-19 кризата, енергетската и економската криза. Тој потврди дека министерот Меџити пред еден месец до Владата доставил предлог за укинување на економсските и медицинските директори и спојување на Клиничкиот центар Мајка Тереза од Скопје во една организциона единица.