Жителите на Кочани преку социјалните мрежи предмалку повторно упатија апел до новинарите и медиумите за почитување на молкот, тагата и болката на семејствата, блиските и сите кочанчани, на трагично загинатите, во однос на известувањето од денешниот ден.
- -Како да напишеме, како да објасниме, како да ве замолиме? Дали и по оваа трагедија повторно треба да клекнеме на колена? Веќе сме клекнати… од болка, од тага, од немоќ.
Почитувани новинари, медиуми, Не правете настан за гледаност од ова. Веќе кружат видеа од пред куќите на починатите, од нивните пријатели што со солзи ги подготвуваат за последното збогум. Ова не е приказна за кликови, ова е човечка болка.
Почитувани граѓани, на ова тажно парче земја ве молиме, не ги споделувајте нивните видеа. Покажете револт, игнорирајте ги текстовите што ја претвораат трагедијата во сензација. Така ќе покажеме почит кон загинатите, кон нивните семејства, кон нашиот град.
Молете се.
Нека ни даде Господ сила на сите, стои во објавата.