„И ние сме лекари“, „Еднаквост“, „Има да не нема“…се само дел од паролите на кофинансираните специјализанти кои протестираат пред Министерство за здравство.
Бараат трансформација на нивниот однос од определено на неопределено време со што и тие би биле опфатени со најавените зголемувања на платите на здравствените работници.
-Ние сме еден значаен чинител во здравствениот систем, за некои две ипол до три години би требало сите од нас да бидеме веќе специјалисти и активно да учествуваме во секојдневниот здравствен систем. Одлуката за овој протест не е донесена во миг. Таа потекнува од повеќе средби и неможност да наидеме на решение за нашите проблеми, за проблемите кои што потекнуваат од договорот за вработување, изјави еден од специјализантите.
Револтирани се што никој не им гарантира, како што велат, дека после специјализацијата ќе имаат загарантирана работа.
-Нашите договори се на определено време до завршување на специјализација. Во меѓувреме земаме просечна плата на ниво на држава, што е 24.000. Сами кофинансираме специјализација, истакна друг кофинансиран специјализант.
„Иако сме друга категорија, сепак и ние сме доктори“, велат специјализантите.