Кој ќе понесе одговорност за трагичната смрт на тринаесетгодишно девојче кое се удави во дупка со вода ископана за изградба на зграда во скопската општина Илинден?

Основното јавно обвинителство информира дека ги расветлува причините за трагичниот настан и работи на утврдување на, како што се посочува, евентуална кривична одговорност.

  • Надлежен јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и насоки за прибирање дополнителни податоци. Побарани се информации за фирмата која ги изведувала градежните работи и за текот на градбата. Во исто време, се прибираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност, стои во соопштението од јавното обвинителство.

Според неофицијалните информации, на оваа површина повеќе од година дена не се извршуваат градежни работи.

Законот за градење го обврзува секој изведувач да го обезбеди просторот околу објектот кој се гради, со цел да оневозможи пристап на граѓани, за нивна безбедност.