Обемот на услуги во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година, иако бројот на апарати за МР во јавното здравство од 7 е удвоен на 14. Донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците/граѓаните

Државниот завод за ревизија(ДЗР) изврши ревизија на успешност на тема „Користење на здравствените услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали на осигурениците им се достапни навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца-МР?“ во периодот од 2019 година до 2022 година.

Ревизорите утврдиле дека и покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување на седум нови покрај постојните осум апарати за МР во јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците.

Обемот на услуги во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година, иако бројот на апарати за МР во јавното здравство од 7 е удвоен на 14.

Годишниот просек на извршени 2.800 услуги по апарат, е под просекот на европските држави кој се движи од 4 до 9 илјади снимања годишно по апарат.

Најинтензивно користење на апаратите за МР се врши во КБ Битола, УИ за радиологија и ЗД Скопје, додека најниска искористеност има апаратот во КБ Тетово.

Во електронската листа објавени се вкупно 110.466 слободни термини за МР, од кои се закажани 83%, а искористени 56% односно извршени се 61.987 прегледи за кои е издаден специјалистички извештај.

Постојат значајни отстапувања на бројот на објавени термини во однос на пропишаните, а во повеќе месечни периоди воопшто не биле објавувани или биле објавувани значајно помал број на термини како резултат на дефекти на апаратите за МР и намален расположлив кадар, како и поради Ковид 19 кризата во 2020 и 2021 година. Воспоставена е пракса за неосновано и неоправдано упатување за снимање со МР од страна на специјалистите, за што од Министерството за здравство не се преземени мерки за санкционирање. Ваквите состојби влијаат осигурениците не секогаш да можат да добијат термин за преглед и да ги остварат правата од задолжителното здравствено осигурување во јавното здравство, поради што, не ретко користат услуги во приватното здравство, за кои пак надлежните институции немаат податоци.

Само во три ЈЗУ се вршат снимања со МР за сите видови дијагностики, а во останатите поради недоволно обучен кадар и/или неисправни коили (антени) се вршат само одредени снимања, додека снимање на доенчиња и мали деца се врши само во две ЈЗУ кои имаат обучен кадар. Дел од ЈЗУ немаат воспоставено ПАКС систем, поради што нема комплетна архива на МР снимки и не може да се потврди вкупниот број на извршени снимања. Исто така, не секогаш се запазува правилото за читање на снимките од МР на работната единица на апаратот или во ПАКС систем со потребната резолуција и квалитет на снимка. Повеќето ЈЗУ работат според воспоставена пракса и немаат донесени процедури и воспоставен систем на внатрешни контроли за процесот на прием на пациентите, вршење на услугите, издавање на резултатите, изготвување пресметка и наплата на партиципацијата, а во дел не се води медицински дневник. Наведеното влијае на намален квалитет на здравствените услуги, на остварувањето на правата за осигурениците, како и на исходот и зголемувањето на трошоците за понатамошно лекување.

Според податоците од Мој Термин, за 12% од вкупниот број извршени прегледи не е издаден извештај, од кои 90% се однесуваат на три ЈЗУ, а една ЈЗУ нема напишано ниту еден извештај во Мој Термин. Овие ЈЗУ не вршат континуирана и целосна синхронизација на податоците од интерниот болнички софтвер со Мој Термин, поради што дел од издадените специјалистички извештаи се креирани надвор од Мој Термин. Исто така, дел од ЈЗУ кои ангажираат доктори со спогодба, не обезбедиле пишување на извештаите во Мој Термин. Во однос на времето на чекање за издавање резултат, најголем дел или 87% извештаи во 2022 година се напишани во рок од 10 дена по извршениот преглед, но има и прегледи за кои резултат се чекал повеќе месеци.

Од вкупниот број евидентирани прегледи во Мој Термин, 21% се реализирани надвор од редовните термини како приоритетни, итни и сервисни прегледи, од кои најголем дел или 86% се реализирани во три ЈЗУ во Скопје и Битола кои имаат зголемен број на пациенти по овој основ. Во услови на зголемен притисок на овие ЈЗУ постои ризик прегледите со МР да се вршат со пократко времетраење од потребното, што влијае на квалитетот на здравствените услуги.

За период од 2019 до мај 2023 година, од ЈЗУ добиени се податоци за извршени вкупно 114.181 услуги за снимање со МР во вкупен износ од 747.873 илјади денари (околу 12 милиони евра) и фактурирани пресметки кон Фондот за здравствено осигурување за 100.662 пакети на здравствени услуги во вкупен износ од 666.658 илјади денари (околу 10,8 милиони евра), додека за истиот период податоците од Мој Термин покажуваат вкупно 92.533 извршени услуги со МР.

Од страна на ЈЗУ прикажани се 25.632 извршени услуги повеќе од податоците во Мој Термин за кои нема трага дали е напишан извештај, што влијае на остварувањето на правата за пациентите и квалитетот на извршените услуги. Во исто време од ЈЗУ и во Мој Термин прикажани се 17.503 извршени услуги повеќе од фактурираните пакети кон Фондот за кои нема трага дали и на кој начин е извршена наплатата за услугите во вредност од 114.645 илјади денари (околу 1,8 милиони евра), при што можниот изгубен приход на ЈЗУ по основ на партиципација од пациентите изнесува најмалку 12.252 илјади денари. Во отсуство на ефикасни контроли горенаведените несовпаѓања не се детектирани како од ЈЗУ така и од страна на Фондот и истите се најизразени кај УИ за радиологија, ГОБ 8-ми Септември, КБ Битола, ОБ Прилеп и ЗД Скопје.

Доставените податоци од Фондот за фактурираните услуги се некомплетни, пресметките за извршените услуги се изготвуваат во посебен интерен софтвер на ЈЗУ кој не е поврзан со Мој Термин, поради што не е овозможена системска контрола, a месечните контроли кои ги врши Фондот, согласно донесено Упатство, се однесуваат само на тоа дали во прилог на пресметката има упат, но не и дали за извршената услуга има изготвен извештај.

Услугите извршени како дополнителна дејност не се закажуваат преку електронската листа и не се евидентираат во Мој Термин. Цените за овие услуги се за 47% повисоки од цените за услуги извршени за странци и за вршењето на истите не се доставуваат писмени извештаи од страна на здравствените работници до установата.

Опремувањето на одделите за радиолошка дијагностика во ЈЗУ со нови радиолошки апарати, во последните три години е направено без соодветна анализа и координација во поглед на обезбедување на потребниот обучен стручен кадар и истите се недоволно искористени, а еден дониран апарат воопшто не е ставен во употреба. Постојат значајни разлики во набавната вредност на апаратите за МР, набавени на различен начин во различен период за различни ЈЗУ, имајќи ги предвид моделот и јачината на магнетно поле на апаратите.

Во периодот на вршење на ревизијата во јавното здравство има 14 функционални апарати за МР од четири различни производители распоредени во 10 ЈЗУ, како и 2 апарати за МР надвор од употреба, со вкупна набавна вредност од 1.401.678 илјади денари (околу 22,7 милиони евра), детално прикажани во следниот графикон.

Дел од ЈЗУ редовно планираат и спроведуваат постапки, додека дел склучуваат договори за одржување и сервисирање на апаратите и набавка на резервни делови само по утврден дефект, што влијае на достапноста на услугите со МР. Од друга страна, монополската позиција на овластените сервисери и недостатокот на конкуренција, како и неефикасниот систем на интерни контроли во процесот на одржување на опремата во ЈЗУ, има влијание на реалноста на направените набавки по овој основ и рационалното трошење на јавните средства.

Во делот на правната рамка, ревизорите утврдиле дека отсуствува пропишана и воспоставена листа на чекање на подолг рок за системско следење на реалната потреба од услуги за снимање со МР, уредување на рокот во кој треба да бидат издадени резултатите од извршените снимања, како и пропишани стручни упатства за медицина заснована на докази и протоколи за вршење услуги со МР. Не е донесен предвидениот подзаконски акт за сертифицирање на софтверите кои ги користат здравствените установи за поврзување и интегрирање со Мој Термин и не се преземени активности за воспоставување и функционирање на Национален систем за архивирање и комуникација на слики.

Управата за електронско здравство и Институтот за јавно здравје не се целосно екипирани. Регистарот на здравствени работници во Мој Термин, поради нередовно и нецелосно внесување на податоците од страна на ЈЗУ, содржи некомплетни информации за здравствениот кадар.

Недореченоста и нецелосната примена на прописите, недоволните капацитети на институциите и нецелосното исполнување на доделените надлежности доведува до отсуство на целосни, точни и ажурирани податоци за човечките ресурси, опремата и извршените здравствени услуги за радиолошка дијагностика со МР, како во јавното, така и во приватното здравство, со што е оневозможено соодветно планирање и обезбедување на потребните човечки ресурси, подобро искористување на постојните и утврдување на потребата од набавка на нови апарати за МР.

Постојат значајни разлики во начинот на ангажирање и висината на надоместокот за докторите, како и отсуство на контроли и нерегуларности во начинот на утврдување и потврдување на ангажманот и исплатите за истиот, што влијае на економичното и рационално трошење на јавните средства.
Министерството за здравство не врши континуирани контроли на електронската листа, а направените контроли во 2023 година не се доволно ефикасни. Државниот санитарен и здравствен инспекторатот најчесто врши инспекциски надзор кај ЈЗУ по добиени претставки во делот на издавање резултати од извршените снимања. Отсуството на сеопфатно, континуирано и ефикасно вршење на надзор и контрола на работата на ЈЗУ влијае на можноста навремено да биде утврдено непочитувањето на прописите и преземање на потребните мерки за нивно надминување.

За надминување на наведените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните институции, а во функција на обезбедување ефикасно користење, достапност и соодветен квалитет на здравствените услуги на граѓаните со магнетна резонанца.