Јануари, месец за подигнување на свесноста за рак на грлото на матка е глобален здравствен настан кој се одбележува секоја година во тек на целиот месец јануари. Здружението за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања ФЕМИНА М и оваа година ќе го одбележи овој месец преку свои активности.

Оваа година медицинските советници во Здружението ФЕМИНА М Доц. д-р Игор Алулоски од ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство – Скопје и Асс. д-р Јасмина Џундева од ЈЗУ Универзитетска Клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје составија едукативни текстови за превенција и третман на рак на грлото на матка.

Доц.д-р Игор Алулоски вели дека за жал мора да се констатира дека Македонија сеуште се соочува со висок број на ново дијагностицирани случаи на ова заболување, поточно со инциденца од околу 20/100.000 жени, што претставува висока инциденца а треба да се стремиме кон бројката 2-4/100.000.

– “Секако дека се преземаат мерки низ годините, воведена е ХПВ вакцинацијата во редовниот календар за вакцинација уште од 2009 години, од 2012 година се спроведува организиран скрининг, ПАП базиран а од 2021 година, достапна е и веб платформата, skrining.mk, со цел подобрување на покриеноста на популацијата која спаѓа во групата за скрининг“ посочува Алулоски

Асс. д-р Јамина Џундева посочува дека Ракот на грлото на матката е голем здравствен проблем во светот кој главно ги погодува младите жени во репродуктивен период.

– “И покрај воведувањето на напредни зрачни техники, достапноста на биолошка и имунотерапија во комбинација со хемотерапија за третман на напреднат, рекурентен или метастатски цервикален карцином на УК за Радиотерапија и Онкологија-Скопје, исиот останува голем проблем на национално ниво со голема стапка на морбидитет и морталитет. Како специјалист онколог радиотерапевт испраќам апел до секоја една млада жена во репродуктивен период -Закажете преглед кај својот матичен гинеколог, направете ПАП тест може да ви го спаси животот! Вакцинирајте ги вашите деца со ХПВ вакцината, оставете зад себе здрава младина која ќе биде заштитена од ХПВ асоцирани карциноми!“ рече Џундева