Загрижувачки податоци од Иницијативата на жени од Шуто Оризари. Бараат итни мерки од здравствените власти.

-Теренското истражување што го спроведовме во 2017 година ни покажа дека дури 20% од бремените Ромки од Шуто Оризари – или секоја петта бремена Ромка – се малолетнички! Раната бременост и родителство сериозно влијаат врз конкурентноста на пазарот на трудот и придонесуваат кон прекинување на понатамошното школување, со што се создава економска зависност и сиромаштија.

Ваквата состојба ја потврдува потребата од воведување едукација за младите и од услуги за заштита и унапредување на нивното репродуктивно здравје, што директно ќе придонесе кон намалување на бројот на малолетничките бремености. Едукацијата за начините на заштита од несакана бременост и од сексуално преносливи инфекции ќе ги опреми младите со информации и знаења кои се неопходни за донесување на важните одлуки во животот.

Истото истражување покажа дека дури 82% од Ромките од Шуто Оризари го платиле прегледот кај матичниот гинеколог иако според прописите од областа на здравствената заштита, оваа услуга им следува бесплатно.

Согласно Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца, прегледите и лабораториските анализи во текот на бременоста им следуваат бесплатно на бремените жени без здравствено осигурување, жените без документи за лична идентификација, Ромките и жените од социјално ранливи категории, но според нашето истражување, ова се почитува во само 20% од случаите. Ваквата практика во ординациите на матичните гинеколози ги одвраќа жените редовно да ја следат бременоста и со тоа директно се загрозува нивното здравје и живот.

Токму затоа, бараме одговорните институции, пред сè Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и Министерството за здравство да им дадат врвен приоритет на здравјето и животот на бремените жени, односно да изнајдат трајно системско  решение за целосно стопирање на практиката на незаконска наплата на здравствените услуги од страна на матичните гинеколози и да обезбедат целосно спроведување на мерките од превентивните програми на Министерството за здравство за унапредување на репродуктивното здравје на Ромките, велат од Иницијативата.