До крајот на летото верувам дека ќе се постигне процент на вакцинирани за кој можеме да кажеме дека е колективен имунитет, вели министерот за здравство Венко Филипче. Според неговата изјава за медиумите, очекувањата се дека ќе се вакцинираат околу 600 000, односно половина од полнолетните граѓани во земјава.

– Мислам дека до крајот на летото голема бројка граѓани ќе бидат вакцинирани. Во овој момент се вакцинирани нешто под 300 000 граѓани. Со оваа следна количина која доаѓа тоа се уште 300 000 граѓани. Тоа ќе бидат вкупно 600 000 граѓани, 50 проценти од вкупната популација која имаме идеја дека треба да се вакцинира. Тука ги исклучуваме децата. Така што до крајот на летото верувам дека ќе се постигне процент на вакцинирани за кој можеме да кажеме дека е колективен имунитет, изјави Филипче.

Во следниот период се очекува влез на 600 000 дози вакцини од кои 100 илјади се на Фајзер, а 500 илјади се на Синовак. Министерот очекува на дневна основа да се аплицираат 15 до 20 илјади вакцини.

– Нашиот план е да се даваат некаде околу 15-20 000 вакцини на ден. Сега во овој период кога ги очекуваме големите количини на вакцини, вкупно 600 000 веќе е направен планот за тоа како ќе се распределат согласно бројот на пријавени граѓани по градови и пунктови. Во големите осум пункта каде што има фрижидери на минус 80 степени ќе бидат вакцини на ‘Фајзер’, а во другите вакцините на ’Синовак‘, затоа што тие се чуваат на температура од 2 до 8 степени, вели Филипче.

Тој апелираше и останатите граѓани да се пријават бидејќи тоа е најлесниот начин да се дојде до вакцина, а најави и интензивна кампања за вакцинација и план за теренска имунизација.