Доколку не се внимава на млечните заби, бактериите ќе се размножуваат, што на крај ќе доведат до уништување на забната глеѓ, која кај децата и онака е тенка и чувствителна. Ако не се санира кариесот, лесно може да влијае на другите заби, а ако не се реагира навреме, тоа доведува до потреба да се извади забот. Што треба да знаете за грижата за млечни заби?
Менувањето на млечните заби е природен процес низ кој мора да помине секое дете. Млечните заби се појавуваат во првите месеци од животот, околу шестиот месец (иако нема никакви правила за ова) и прво никнуваат долните заби, првите и вторите, односно секачите.
Потоа, почнуваат да никнуваат горе, по истиот редослед, но и од ова може да има отстапувања. Вкупно има 20 млечни заби, 10 во горната, 10 во долната вилица.
Зошто се важни млечните заби?
Млечните заби се важни за целокупното орално здравје на детето, но и за подоцнежното здравје на личноста. Затоа, треба да се посвети доволно внимание и да се даде соодветна грижа. Имено, оралната хигиена треба да започне од моментот кога избиваат првите секачи.
Треба да се користи четка наменета за доенчиња и со нежни движења да се отстранат наслагите од млеко или цврста храна. Ова го спречува развојот на болести на млечните заби.
Доколку не се внимава на млечните заби, бактериите ќе се размножуваат, што на крај ќе доведат до уништување на забната глеѓ, која кај децата и онака е тенка и чувствителна. Ако не се санира кариесот, лесно може да влијае на другите заби, а ако не се реагира навреме, тоа доведува до потреба да се извади забот.
Но, вадењето на млечните заби не е препорачливо, бидејќи тие се важни зашто го штитат местото на трајните заби, а нивното отстранување се смета за штетно. Зачувувањето на забниот ред, со вадење на млечните заби, честопати не е возможно.
Покрај ова, тие играат голема улога во развојот на детскиот говор. Положбата на забите е важна за правилен изговор на различни гласови. Затоа, потребна е соодветна грижа за оралната хигиена уште од мали нозе.
На која возраст децата почнуваат да ги губат своите млечни заби?
Млечните заби почнуваат да се олабавуваат и сами да паѓаат, со цел да се направи простор за трајните заби и тоа се случува околу шестата година од животот на детето. Секако, периодот може да варира, но девојчињата најчесто ги губат млечните заби порано од момчињата. Последните заби кај децата обично паѓаат на возраст од 12 или 13 години.
Менувањето на млечните заби обично се случува по истиот редослед на кој израснале. Па, единицата се заменува со трајна единица во периодот помеѓу шестата и седмата година од животот. Потоа, млечните двојки се менуваат околу седум или осум години.
Тројката се заменува со трајна во периодот од 9 до 10 години или нешто подоцна. На крај, катниците се заменуваат со трајни на возраст од десет до дванаесет години.
Не е невообичаено млечните заби и подолго да се задржат во вилицата, односно да паднат и по тринаесеттата година од животот.
Научете го детето на редовна орална хигиена
Здравите навики се учат уште од мали нозе, а кога детето ќе почне да ги губи млечните заби, потребно е да разговарате со него и да му објасните дека сето тоа е нормален и сосема природен процес, па и дека нови заби ќе му пораснат за брзо време.
Исто така, во овој период објаснете му ја и важноста од одржување добра орална хигиена. Потсетувајте го редовно да ги мие своите заби, барем двапати на ден. Исто така, може да му понудите помош или да го надгледувате, за да не го прави тоа премногу грубо или насилно.
Уште една работа на која треба да внимавате е и соодветната исхрана. Засладените пијалаци, слатките работи и храната со многу додаден шеќер, треба да ја сведете на минимум. Погрижете се вашето дете секогаш да си легнува со чисти заби, ако јадело доцна навечер.
За крај, не заборавајте дека редовните посети на стоматолог може да ви ги решат сите дилеми. Вашиот стоматолог ќе ве посоветува дали е неопходно да преземете дополнителни мерки на претпазливост или да извршите одредена интервенција доколку тоа го налага ситуацијата.