Пишува: Дафина Стојаноска, пратеничка
Со жалење морам да констатирам дека оваа влада, ниту лани, ниту годинава превзеде нешто конкретно за проблемот со аерозагадувањето, освен што донесе два последователни буџети, во кои издвои минимални средства за заштита и борба со аерозагадувањето, имајќи предвид дека се работеше за два последователно најголеми буџети досега во Република Македонија.
Минатата недела, за 22 јануари, во Гостивар мерните станици покажаа загадување од 983 микрограми на метар кубен ПМ 10 честички, за да следниот ден министерството за животна средина и просторно планирање излезе со соопштение дека овие резултати биле технички проблем на мерната станица во Гостивар.
Оваа несериозност од страна на министерството и на владата воопшто не успеа да ја намали вознемиреноста кај граѓаните, бидејќи воздухот во Гостивар буквално смрди. Ако на времето Гостивар и регионот на Западна Македонија беа едни од најчистите еколошки места, сега стигнавме дотаму Гостивар и Тетово да бидат лидери по однос на аерозагадувањето. Што се случува и дали има нешто што граѓаните не го знаат – не знам, но едно е сигурно – а тоа е дека Гостивар и Тетово, како никогаш досега, се затворени во една капсула од магла, чад и смрдеа. И, ако надлежните сметаат дека ќе не’ утешат со соопштенија од типот дека мерните станици не покажувале соодветни резултати, напротив, тие уште повеќе не’ револтираат и уште повеќе не’ прават загрижени за нашето и за здравјето на нашите деца.
Министерството за здравство апелираше и алармираше за високиот број на пациенти кои секојдневно бараат лекарска помош. Но, освен тие 43 илјади заштитни маски кои ги понуди за хронично болните и за кои не чувме и не видовме дали и на кому лани се поделија, јас не видов никаква друга понуда или превземена иницијатива од страна на ова министерство. Да, Филипче изминатиов период, и тоа како, беше активен и актуелен, но тоа беа сосема други теми и области, како рекет 2 и 3, како новите планови и лаги за новиот Клинички центар, како новите лаги за докторите и специјалистите и секако, најважно за Филипче во овој период е како побрзо да го помине законот за опојни дроги и психотропни супстанции. Да не ја заборавам вчерашната одлука на владата за итна изградба на Поликлиника во Бутел. Само пред три месеци беше одбиен амандманот за истово, поднесен од колешката Весна Дамчевска – Илиевска. Кое лицемерие?!?
Образовниот процес, и тоа како, е битен за покачување на свеста кај сите нас. Токму тоа наше несовесно и неодговорно однесување кон природата и нашата околина не’ доведе до тука. Од министерството за образование ни збор или предлог за ова прашање, а не дај Боже некоја иницијатива.
Единствено МИОА на 14 декември 2019 организираше акција „Не биди ѓубре“, во која се вклучија околу 40.000 административци и толку. Оваа акција, според алармантниот степен на аерозагадувањето во Македонија, треба можеби деноноќно да се одвива, а не само еден ден за време на целиот мандат на оваа влада. Министерот Манчевски беше тој кој тврдеше дека проблемот со аерозагадувањето ќе се реши штом ВМРО-ДПМНЕ падне од власт. Истиот тој, заедно со уште многу сега актуелни министри, градоначалници и пратеници, шетаа со маски по улиците на Скопје. Денес, ако беа барем малку самокритични и реални, истите тие треба да излегуваат со скафандери по улиците. Тоа е таа хипокризија што актуелното владеачко мнозинство ја направи во своето владеење.
Ако земам да набројувам што се’ оваа влада ветуваше дека ќе направи околу проблемот со аерозагадувањето во предизборната 2016 – та, ќе ми требаат и повеќе од 100 страници.Досега не видовме ништо конкретно да започне да се спроведува. Надвор луѓето се’уште шетаат со заштитни маски на лицата, болниците ни се преполни со пациенти, имаме се’ поголем број на лица кои имаат проблеми со алергии на прашина, а за смртноста и преваленцата од рак на дишните патишта не сакам ни да зборувам. Само морам да потенцирам дека во буџетот за 2020 – та се намалија средствата за рана детекција на малигните заболувања, што доволно зборува како власта се грижи и инвестира во решавањето на овој проблем. Тоа е реалноста и ВМРО-ДПМНЕ не крева паника, туку бара решавање на овој акутен проблем.
Останува одговор на сето ова. Останува да потсетиме на сите заклучоци од одржаната јавна расправа пред 14 месеци, но и да потсетиме дека за овој проблем власта има едно посебно министерство, ја има и целата влада, институциите и сите ресурси. Има се’, само дали има желба и интерес нешто да конкретно да превземе?
Многу жално беше да гледа човек како, од позиција на опозиција, се обвинуваше само тогашната власт за аерозагадувањето. Денес ние сме опозиција и што ќе биде ако и ние постапуваме исто? Се правеа театарски претстави и перформанси од аерозагадувањето, за кога дојде време навистина нешто да се превземе, повторно се обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
Со секој изминат ден Македонија станува се’ позагадена и понебезбедна за живеење. За волја на вистината, прв и основен услов за живот на овие простори, е здрава животна средина. Без неа ништо не може нормално да функционира, па ни сдс како власт.
Пред некој ден Макрадули на почетокот на седницата подаде рака, но колку тоа беше искрено, се виде од неговите подоцнежни реплики кон нас. Ние за овој проблем веќе втора година подаваме рака, но таа рака нема да ја подадеме за носењето на законот за опојни дроги и психотропни супстанции и за носење на закони со кои повторно ќе се манипулираат граѓаните за следните избори. Повеќе од очигледно е кој е приоритетот на оваа власт. Тоа сигурно не беа нашите барања за информација за аерозагадувањето, ниту лани, а ниту годинава.
И додека корона – вирусот го загрижи целиот свет, Филипче ни вели да бидеме мирни, дека се’ е под контрола. Единствено под контрола на Филипче и Заеви се фирмите за производство на марихуана. Се’ останато е одамна излезено од контрола. Филипче ќе остане запишан во историјата на македонското здравство како полош и од моментално најопасниот корона или коронарен вирус. Грешки во пишување, но грешки и во водењето на здравството. Катастрофа!