Многу луѓе кога ќе седнат во ресторан порачуваат топло-ладно. Овој чоколаден колач (познат и како лава колач) во комбинација со сладолед од ванила е секогаш одличен избор, без оглед на сезоната.

Но, наместо да го порачувате во ресторан, сега можете самите да го направите дома.

Не е тежок за подготовка и ќе ви се погоди од прва, а по 2-3 обиди ќе се усовршите толку многу, што ќе бидете експерт.

Со овој рецепт нема да може да згрешите (состојките се за 4 колачиња).

Потребни состојки:
100g темно чоколадо
30g брашно
70g шеќер
70g путер
2 јајца
какао и шеќер во прав по вкус
прстофат сол
малку екстракт од ванила

Начин на подготовка:

– Темното чоколадо исечкајте го ситно (или изрендајте го) и растопете го на пареа.
– Додадете го путерот и убаво измешајте за да се спојат, па тргнете ја смесата на страна.
– Во длабок сад ставете ги јајцата и шеќерот, па спојте ги со рачна маталка.
– Додадете го брашното (просејте го преку цедалка), прстофат сол и екстрактот од ванила.
– Повторно мешајте, а кога ќе добиете мазна смеса, во неа додадете го стопеното (малку изладено) темно чоколадо, па убаво измешајте.
– Печете ги колачињата во алуминиумски калапи за мафини. Калапите премачкајте ги со малку масло (или путер), а потоа ставете по малку какао и вртете ги калапите за какаото да се залепи на ѕидовите.
– Смесата поделете ја на 4 еднакви дела и распоредете ја во секој калап.
– Печете во загреана рерна на 200° околу 8-10 минути.
– Извадете ги колачите од рерната, оставете само малку да се изладат, па превртете го колачот наопаку во чинија и извадете го од калапот.
– Наросете го со малку шеќер во прав,, ставете една топка сладолед од ванила и послужете го веднаш.