Втор позитивен случај на Ковид-19 во Пехчево. Според информациите од епидемиологот Сузана Каракашова, станува збор за лекар кој по пензионирањето се активирал за поддршка на здравствените работници во борбата против коронавирусот.
-Вториот пациент кој е позитивен на коронавирус е хоспитализиран на 27 април 2020 година. По земањето брис било констатирано дека е позитивен на Ковид-19. Чувствувал малаксаност и имал температура. Моментално ја прима потребната терапија и е во добра состојба. Блиските лица со кои имал контакт се ставени во изолација, вели Каракашова.
Во меѓувреме како што додава епидемиологот, помина изолацијата за лицата кои беа во контакт со првото лице кое беше заразено од Ковид-19.
-Во врска со претходниот случај на 12 здравствени работници им се направени тестови и сите се негативни. Лицето исто така е во добра состојба. Со новиот случај ќе ги следиме и останатите контакти и доколку има потреба и тие ќе бидат тестирани додава Каракашова.
Вториот случај на коронавирус во Пехчево се јавува по 10 дена откако беше објавено дека шофер во Итаната медицинска помош е првиот позитивен на Ковид-19 во Пехчево.