Се почесто рекреативците по завршените планинарски тури се соочуваат со вртоглавица, дијареа и мачнина во стомакот. Тегобите ги добиваат откако ќе конзумираат некој производ или најчето се напијат вода од самата планина.

Планинарските друштва велат дека не секогаш тоа што го конзумираат луѓето е здраво за нив, иако се наоѓа во чиста животна средина.

Се вели дека нашата земја веќе станува и ендемско подрачје за добивање на опасни вируси и бактерии. Препораките се дека треба да се внимава и при самото движење по планинарските патеки.

Инаку, според сознанијата, двајца гостиварци од село Симница во јули 2017 година, починаа на Клиниката за инфективни болести, откако кај нив беше пронајдено присуство на хантан вирусот, кој им предизвикува акутна хеморагична треска со бубрежен синдром. Опасниот Хантан вирус го шират глодари, како глувци и стаорци. Луѓето можат да се заразат од Хантан вирусот кога ќе дојдат во директен контакт со телесни течности (како плунка, измет или урина) на заболен глодар. Се претпоставува дека вирусот е пренесен од водата кои луѓето ја конзумирале.

Хантан вирусите можат да станат воздушни или аеросолизирани во мали честички, а потоа може да се вдишат, според Светската здравствена организација (СЗО).

Најизложени и во ризична група спаѓаат планинарите, туристите, камперите како и оние со професионална изложеност на глодари (на пример, градежни работници, градежни инспектори, работници за уривање и дрвосечачи).