Во изминатите пет години бројот на поднесени барања од доктори на медицина за издавање на потврди за странство изнесува 794 и тоа во 2015 година – 171, во 2016 година -162, во 2017 година -120, во 2018 година 178, а до декември годинава -163, покажуваат податоците за кои денеска информира Лекарската комора.

Шеесет проценти од вкупниот број доктори на медицина кои го положиле стручниот испит годинава, посочуваат од Лекарската комора, се изјаснале дека своето вработување ќе го бараат во државава, а во последната испитна сесија од 171 доктор на медицина, 100 доктори навеле дека ќе бараат вработување во државава.

Од Лекарската комора наведуваат дека не располагаат со прецизен податок за бројот на доктори кои заминале да живеат и работат во странство, а согласно со своите надлежности им издаваат потврда (good standing) на докторите дека се членови на Комората и оти против нив не се води постапка пред Судот на честа при комората.

Овие потврди, како што се потенцира, им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти како и на оние кои заминуваат да живеат и работат надвор од државава.

Во изминатите пет години во Комората стручен испит положиле 1.820 доктори на медицина од кои во 2015 година – 315 доктори на медицина, во 2016 година -395 доктори на медицина, во 2017 година 299 доктори на медицина, во 2018 година – 413 доктори на медицина и годинава – 398 доктори на медицина. Според евиденцијата во Комората и податоците кои се дадени од докторите на медицина кои по полагањето на стручниот испит се стекнале со лиценца за работа во 2018 година 136 доктори се вработиле во здравствени установи низ републиката, а годинава до ноември нивниот број изнесува 98 доктори, истакнуваат од Лекарската комора.