Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, денеска учествуваше на конференцијата насловена „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Северна Македонија”, во организација на Амбасадата на Република Словенија, Македонската студентска организација во Словенија и Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.
Целта на оваа конференција беше на едно место се соберат младите студенти, претставниците на институциите и стопанствениците, да се слушнат предизвиците со кои сме соочени како држава и заеднички да се работи на изнаоѓањето на решенија со кои ќе се подобри демографската слика на државата односно ќе ги вратиме младите дома, а на идните генерации да им се обезбедат услови за образование и напредок во својата земја.
Во своето обраќање пред присутните министерот Лимани се осврна на сериозноста на состојбата со младите од Македонија, кои се повеќе иднината ја гледаат во други држави. Притоа ја истакна заложбата на оваа Влада која ги препознава предизвиците со младите и заради подигнување на нивното значење во општеството, секторот млади го вгради како приоритетна област во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Би сакал да се осврнам на едно од последните истражувања на Фондацијата Вестминстер за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот во државата, според кое 62% од младите би се отселиле од Македонија доколку им се пружи шанса, а уште посериозно е дека дури 77% од младите не би се вратиле назад во Македонија доколку се отселат. Како фактори кои влијаат на овие нивни одлуки се вбројуваат состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување. Овие бројки, се алармот кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори ВЕДНАШ, за да го смениме овој негативен тренд“, посочи Лимани.
Тој посочи и дека презентацијата на резултатите од анкетата спроведена од Македонската студентска организација во Словенија и излагањата на студентите од Универзитетите во Словенија за тоа како младите гледаат на можноста да се вратат во својата земја за да бидат дел од општествената заедница се патоказите кои треба да ги следиме, ако сакаме да постигнеме успех во решавањето на овој предизвик.
„Следејќи го овој негативен тренд на заминување на младите од државата и нивно останување таму, резултираше со креирање на конкретни политики и стимулативни мерки од страна на оваа Влада, која се обврзува да ги реализира по секоја цена. Еден од главните приоритети на кои ќе работиме е отворањето на нови работни места за млади, кое може да се постигне преку поддршка за претприемништво и стартапи, обезбедување финансиска поддршка и грантови за млади претприемачи, како и обуки и менторски програми за развој на бизнис вештини“, рече Лимани.
Тој ги посочи и партнерства со приватниот сектор, поттикнување на инвестиции од домашни и странски компании, даночните олеснувања и субвенции, формирање на јавно-приватни партнерства за развој на нови проекти, поддршката на новите технологии и иновации, инвестициите во инфраструктурата и услугите во руралните подрачја, како дел од мерките кои ќе ги преземе оваа Влада.
„Сликата на заминување на младите студенти надвор од државата затоа што тука не успеале да се вработат и нивниот потенцијал не бил препознаен, ќе го замениме со нова слика. Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и да помогне во задржување на талентираните млади луѓе во земјата“, посочи Лимани.
Тој на крајот на своето обраќање им порача на младите: „Нашите врати се отворени за вас, ајде заедно да ги креираме и реализираме идните младински политики.“