Еколошка катастрофа во Скопје. Густ чад доцна синоќа ја прекри населбата Железара и голем дел од Скопје, откако се запали отпадот помешан со старо железо и друг материјал, во топилницата „Макстил“.

Главниот град, но и околните населби мирисаа на стопено железо и пластика, а Скопје се гуши во отров и чад, остро реагираа граѓаните по социјалните мрежи. Прашуваат која била причината, и што се случува.

„И денот завршува со уште едно недозволиво сценарио. Гори отпадот во кругот на Железара. Скопјани со затворени прозорци“, реагираа и од Коалицијата О2 на Фејсбук.

Пожарот кој беснееше доцна синоќа во кругот на фабриката „Макстил“, бил ставен под контрола рано утрово.

Како што потврдија од менаџментот на фабриката, пожарот кој избувнал пред полноќ, зафатил површина од околу 500 метри квадратни. Освен од пожарникарите, помош била побарана и од цистерните на Комунална хигиена, од Водовод, како и од рафинеријата ОКТА, вели директорот Иван Бановски.

Речиси цела ноќ противпожарната единица беше на терен и се бореше со пламените јазици, вели командантот на противпожарната единица. На терен биле 9 противпожарникарски возила.

Увидот и понатамошната истрага ќе утврдат што го предизвикало пожарот.

Од „Макстил“ изјавија дека се уште не се познати причините за пожарот кој го зафатил погонот околу Челичарницата, бидејќи, според директорот, погонот не работел од 29 април.

Сега на терен се прават анализи и се отстранува горливиот материјал за да се избегне опасноста од настанување на нов пожар.