Ако министерката Мила Царовска троши 17 илјади денари месечно, колку што и самата тврдеше дека му се доволни на едно четиричлено семејство за да ги задоволи основните животни потреби, тогаш таа со нејзиниот имот тежок околу 1 милион и 600 илјади евра би можела да живее повеќе од 450 години. Ова го покажува простата математика, иако таа во својот фејсбук статус потенцираше дека тие пари нема да бидат доволни за квалитетен живот, кој на неа според имотната состојба воопшто и не и е проблем. Разликата меѓу нејзината имотна состојба, инаку за шест пати зголемена во рок од една година, и реалните можности на повеќето македонски граѓани е огромна, поради што јавноста буквално експлодираше кога таа повикувајќи се на “Лајкин индикатори” порача дека може нормално да се живее со помалку од 300 евра месечно.

Инаку пресметките на синдикатот, покажуваат дека на истото просечно семејство со две деца му требаат најмалку две минимални плати односно 32 671 денар. Ако семејството потроши само 17 илјади денари, би имало пари за храна и пијалоци, одржување на хигиена и превоз, но не и да плати сметки за струја, вода, парно, телефон и интернет, за да купи облека, а најмалку да има пари за на лекар.

ДЗС објавува дека 455.000 луѓе во земјава или 21.9% од населението живеат под прагот на сиромаштијата.