Во изминативе неколку дена сме сведоци на многубројните протести низ нашата држава, каде граѓанските здруженија, но и самите граѓани „на цел глас“ протестираа против загадувањето кое зема се поголем замав и прави да сме на чело на светските листи за загаденост.
Речиси цело Скопје е загадено, а иста е состојбата и во останатите градови. Но да не се грижиме, маски за дишење има и тоа повеќе од доволно. Се продаваат насекаде и тоа во различни бои и дезени по избор.
Експертите постојано ги даваат истите препораки, избегнувајте подолги периоди на отворена површина. Мерните станици, пак, покажуваат големо загадување во Скопје, Струмица, Битола,Тетово и Кочани. Ниту се дише, ниту се вози, ниту се гледа, ниту се мириса.
Додека на малите деца, старите лица и бремените жени им се препорачува да не излегуваат без посебна потреба, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека мерките за загадување АКО има потреба ќе ги активира Владата, а не градот.
Протести сигурно ќе има и понатаму, но гледајте на позитивната страна, се ближи Нова Година и секако градот се украсува, но украсите за кои се потрошија 285 илјади евра се чини дека нема кој да ги види, затоа што забрането е да се излегува надвор – воздухот е загаден.
Ако вечерва погледнете низ вашиот прозорец, нема да успеете да видите ништо на далечина од 50-60 – тина метри, ете толкава е видливоста. Секако дека сите имаме потреба од чист воздух, мерните станици и сликата надвор покажуваат дека се труеме, а надлежните стојат цврсто на зборот АКО ИМА ПОТРЕБА!
Дали тоа власта и нејзините приврзаници и истомисленици дишат воздух поинаков од овој надвор, па затоа не се толку загрижени?
Кога ќе помислиме на сите хронично болни луѓе во државава, сите новороденчиња кои само што дошле на свет, но и на сите релативно здрави граѓани, прашањето кое се поставува е следното – Како и кога, но и кои се мерките што надлежните ЌЕ ги активираат и според што ќе оценат дека е дојдено време за активирање на истите?